Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,55 проценти. Новите цени стапуваат на сила од полноќ, а најголемото поскапување ги опфаќа бензините.
Според одлуката на РКЕ, „Еуросупер БС-95“ поскапува за два денари по литар, па новата цена ќе изнесува 93 денари. За исто толку се зголемува и цената на „Еуросупер БС-98“, кој од утре ќе се продава за 95 денари за литар.
Поскапување од еден денар по литар има и кај дизел горивото „Еуродизел БС (Д-Е V)“, чија нова цена ќе изнесува 100 денари.
Без промени останува цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое ќе се продава за 110 денари за литар. Во меѓувреме, мазутот М-1 НС поскапува за 1,300 денари за килограм, со што новата цена ќе достигне 55,573 денари.
Од РКЕ информираат дека при формирањето на цените е применета владината одлука за намалување на ДДВ-то за дизел горивото на 10 проценти. Дополнително, применета е и намалена акциза од два денари по литар за бензините Еуросупер БС-95 и БС-98, како и намалена акциза од четири денари по литар за Еуродизелот.












