ИПАРД-средствата повторно стануваат достапни за македонските земјоделци. Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, информира дека по направените детални контроли од страна на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија, утврдиле дека немало неправилности во постапките и за тоа е информирана македонската Влада.

– Тоа значи дека функционира системот, институциите постапуваат одговорно, транспарентно и во интерес на македонските земјоделци – истакна Трипуновски, појаснувајќи дека Брисел никогаш не ги блокирал средствата, туку дека во моментот кога излезе во јавност случајот со злоупотребата на претходниот директор на Платежната агенција, се активирал националниот механизам, кој го известил Брисел.

– Го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, со што инициравме на транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД-фондовите. Тоа беше препознаено како одличен чекор од Брисел, со тоа што навремено се интервенираше во оваа ситуација. Следуваше темелна проверка од ИПАРД-структурата, по што се достави сеопфатна информација до европските институции, во согласност со воспоставените процедури – истакна Трипуновски.

Тој рече дека од опозицискиот СДСМ, сакајќи да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврделе дека се блокирани ИПАРД-средствата, а земјоделците ќе останат без поддршка.

– Но денес, по кој знае кој пат, нивните лаги повторно паѓаат во вода. Додека СДСМ се служи со конструкции и е заглавен во старата матрица на ширење лаги, манипулации, мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние, како Влада, носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас. Наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци – потенцира министерот.

Министерот упати порака до земјоделците: да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат производството.

– Продолжуваме со инвестициите, модернизацијата и развојот на овој важен сектор за нашата држава. Ќе продолжиме со уште позасилено темпо да работиме посветено, чесно и одговорно во интерес на граѓаните, со нулта толеранција за злоупотреби, со целосна транспарентност и со максимална поддршка за македонските земјоделци – увери министерот Трипуновски.

ИЗДВОЕНИ