вторник, септември 15, 2026
Дома БАЛКАН Српска жешка есен: Вучиќ најави оставка и кампања како обичен граѓанин, студентската...

Српска жешка есен: Вучиќ најави оставка и кампања како обичен граѓанин, студентската листа ја предводи војводинскиот кардиолог Срдановиќ

0
EPA/ANDREJ CUKIC

Српскиот претседател ќе ја напушти функцијата на 27 септември, а по победа на изборите закажани за 25 октомври, се надева дека ќе стане премиер. Во понеделникот попладне, студентите доставија до Изборната комисија своја изборна листа со 250 кандидати, меѓу кои професори, лекари, уметници, актери, спортисти, активисти, претприемачи и граѓани од различни делови на Србија. Изборната комисија вчера ги прогласи само листите на Вучиќ и Дачиќ, но не и студентската

 

Почна српската жешка есен која се очекува речиси една година. По две години исполнети со студентски и граѓански протести по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 16 луѓе, а потоа и барања за смена на власта, се ближат избори. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, објави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на државата на 27 септември, а потоа, „како обичен граѓанин“, ќе почне кампања за вонредните парламентарни избори закажани за  25 октомври. Студентите кои речиси две години протестираат и ги блокираат факултетите, вчера ја доставија својата изборна листа, придружувани од илјадници граѓани на патот до Републичката изборната комисија.

Претседателот, Александар Вучиќ, најави дека ќе ја предводи изборната листа „Обединети за Србија“, формирана околу Српската народна странка – СНС. Доколку победат, рече дека се надева да стане премиер.

– Најдолго време сум претседател на нашата земја и не можев да го направам тоа без граѓаните. Верно, вредно, посветено и со борбен дух им служев на граѓаните, рече Вучиќ во студиото на провладината комерцијална телевизија „Пинк“.

Тој исто така кажа што планира да прави по оставката: „А потоа ќе одам како обичен граѓанин, како порано, добив камион, имам свој автомобил, добив и кампер, да посетувам села и урбани средини“. Додаде дека ќе „оди на најоддалечените места во Србија“ и најави три или четири големи собири, како и дека последниот митинг ќе биде во Ниш. Зборувајќи за своите политички активности, тој тврдеше дека го предводел отпорот кон „тиранијата наметната однадвор“ и „отпорот кон уривањето на институциите“, алудирајќи на антивладините протести. Вучиќ нагласи и дека би бил незадоволен ако листата што ја предводи на изборите добие помалку од 50 проценти од гласовите.

– Со сè што е под 50 проценти, јас лично ќе бидам незадоволен. Ако изгубиме, кога ќе надминеме 65-70 проценти од примероците (од анкетите) – ќе излезам и ќе го признам тоа, рече Вучиќ.

Студентите, пак, доставија листа со 250 кандидати за српскиот парламент, за која наведуваат дека е резултат на повеќе од една година пленуми, блокади на факултетите и заедничко одлучување. На неа се професори, лекари, уметници, актери, спортисти, активисти, претприемачи и граѓани од различни делови на Србија. Пред самото предавање, Вучиќ преку видео на „Инстаграм“ ја оцени таа листа како „безимена“, „без програма и планови“ и „листа од која сите се срамат“.

– Замислете десетици илјади луѓе кои одат да ја потпишат листата, а притоа немаат поим што потпишуваат и не знаат кој е на листата, изјави Вучиќ, повикувајќи ги граѓаните да размислат како сакаат да изгледа Србија и кој ќе се грижи за државата по изборите.

Но, од вчера, студентите на собир во Нови Сад почнаа на граѓаните да им ја образложуваат својата програма. „Студентска листа – студентите победуваат“ ја предводи кардиологот и редовен професор на Медицинскиот факултет во Нови Сад, д-р Илија Срдановиќ. Тој ѝ е познат на пошироката српска јавност по поддршката на студентските протести уште од самиот почеток, како и по остриот говор на масовниот студентски протест на белградскиот плоштад Славија кон крајот на мај годинава, по што беше повикан на разговор во полиција. Од почетокот на својата кариера, тој е познат и по својата борба за подобар здравствен систем во Србија. Речиси три децении е вработен на Институтот за кардиоваскуларни болести на Војводина во Сремска Каменија и има беспрекорна професионална кариера, но во неговата биографија стои и дека бил војник, без детали кога и каде се борел. Во емисијата „Да сум јас некој“ тој изјави дека целиот свој живот, во суштината, бил војник.

– Класичен војник, со пушка в рака, регрутиран за време на војната. Потоа, војник во професијата, во борбата за животите на луѓето. Сите мои колеги, и јас со нив. И конечно, војник кој се бори за подобро утре на својата нација. За мене, тоа е патриотизам. Борба за подобро утре на својата земја. Борба за слобода, рече Срдановиќ.

Во текот на вчерашниот ден, Републичката изборна комисија ги прогласи само изборните листи „Александар Аучиќ – Единствена Србија“ која е под број еден и „Ивица Дачиќ – фактор на стабилност“ под реден број 2, но не и студентската листа.

ИЗДВОЕНИ