Велшкиот актер Метју Рис влезе во историјата на доделувањето на наградите „Еми“, станувајќи првата личност што освои две награди за главна глума во една вечер. Рис беше награден за неговите улоги во комедија „Заливот на вдовиците“ и психолошкиот трилер „Ѕверот во мене“ (The Beast In Me). Мал број актери, вклучувајќи ги Алан Алда, Сали Филд, Џон Гудман, Елизабет Мос и Тед Дансон, претходно биле номинирани за две награди за главна глума во иста година, но Рис е првиот што освои двојна победа
Американските серии „Заливот на вдовиците“ (Widow’s Bay), „Интензивна нега: Питсбург“ (The Pitt) и „ДТФ Сент Луис“ (DTF St. Louis) се меѓу големите победници на доделувањето на 78. награди „Еми“, што се одржа вчеравечер во Лос Анџелес, САД. „Еми“ се американски телевизиски награди со многу категории и се сметаат за телевизиски еквивалент на Оскарите. Како што е познато, многу од овогодишните „Еми“ награди беа доделени за креативните уметности претходно, поточно на почетоков на месецов, оставајќи ги само најзначајните категории за главната церемонија што се случи на 14 септември во театарот „Пикок“.

Притоа серијата „Заливот на вдовиците“ направи вистински бум на „Еми“ наградите, освојувајќи рекордни 14 статуетки, (вклучувајќи ја и престижната награда за најдобра комедија, потоа за режија, сценарио и најдобар актер за Метју Рис). Ова е хорор-комедија за градоначалник на изолиран остров кој се обидува да го развие туризмот, но мора да се соочи со застрашувачки настани и вековно проклетство, а главната улога ја толкува токму Метју Рис.

„Интензивна нега: Питсбург“ е реалистична медицинска драма сместена во болница во Питсбург. Серијата ја следи напорната работа на здравствените работници во реално време, без музика во позадина, за да се долови вистинскиот хаос на модерната медицина. Серијата освои вкупно 6 Еми награди од рекордни 25 номинации, меѓу кои и главната награда за најдобра драмска серија, како и признанието за најдобар актер за Ноа Вајл.

„ДТФ Сент Луис“ е црна комедија, мини-серија инспирирана од вистински криминален случај која зема вкупно 7 „Еми“ награди (заедно со оние од техничките категории). Приказната се врти околу чуден љубовен триаголник кој започнува преку апликација за запознавање на женети луѓе во предградијата на Сент Луис, што на крајот води до убиство и истрага. Главните улоги ги играат Џејсон Бејтмен, Дејвид Харбор и Линда Карделини, а серијата победи во категоријата за најдобра лимитирана (мини) серија. Покрај наградата за најдобра мини-серија, Дејвид Харбор и Линда Карделини беа наградени за најдобра споредна машка и женска улога, а Стивен Конрад зема статуетки за режија и сценарио.

Според филмското списание „Варајати“, сите три серии се релативно нови, високо оценети од критиката и моментално се меѓу најпопуларните на платформите за стриминг.
Инаку, велшкиот актер Метју Рис влезе во историјата на доделувањето на наградите „Еми“, станувајќи првата личност што освои две награди за главна глума во една вечер. Рис беше награден за неговите улоги во комедија „Заливот на вдовиците“ и психолошкиот трилер „Ѕверот во мене“ (The Beast In Me).

На церемонијата, Рис ја посвети својата втора награда „на големите и добри луѓе од Велс“. „Ние сме мала, но моќна нација. Ова е неверојатно“, рече тој.
Мал број актери, вклучувајќи ги Алан Алда, Сали Филд, Џон Гудман, Елизабет Мос и Тед Дансон, претходно биле номинирани за две награди за главна глума во иста година, но Рис е првиот што освои двојна победа.
Други добитници на посакуваните американски ТВ награди беа Џин Смарт (најдобра главна глумица во хумористична серија), Алисон Џени (најдобра споредна глумица во драмска серија) и Стивен Колберт (најдобра вариететна серија). На цермонијата се одржа трибјут кон Доли Партон, а беше доделена и специјална хуманитарна награда за Мајкл Џ. Фокс.

Да потсетиме, на почетоков на месецов, нашата режисерка Тамара Котевска и екипа од филмот „Приказната за Силјан“ присуствуваше на првиот дел (за креативни уметности) од доделувањето на 78. награди „Еми“, каде што македонскиот документарец беше номиниран во две категории. За жал, наградите во двете категории им припаднаа на американски продукции. (Н.И.Т.)












