Од Јавното претпријатие за државни патишта објаснија дека се санира горниот строј на мостот, при што ќе се изврши отстранување на постојните дилатациски фуги, сливници, асфалт, ограда и тротоари. Потоа ќе се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, ќе се асфалтира козловозот, ќе се изградат нови тротоари, а ќе се постави и нова ограда. Во текот на изведувањето на работите, сообраќајот ќе се регулира со поставување светлосна сигнализација, при што возилата ќе се движат наизменично во една сообраќајна лента
Се очекува на почетокот од септември да заврши санацијата на мостот на Маркова Река, кој се наоѓа на регионалниот пат Р1106 во Кисела Вода, на влезот во Драчево.
Од Јавното претпријатие за државни патишта соопштија дека забрзано течат градежните активности, со темпо што е приспособено на летниот период, кога се одвива сообраќајот со намален интензитет, со цел да се минимизираат застојот и влијанието врз учесниците во сообраќајот. Оттаму објаснија дека се санира горниот строј на мостот, при што ќе се изврши отстранување на постојните дилатациски фуги, сливници, асфалт, ограда и тротоари. Потоа ќе се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, ќе се асфалтира козловозот, ќе се изградат нови тротоари, а ќе се постави и нова ограда.
Во текот на изведувањето на работите, сообраќајот ќе се регулира со поставување светлосна сигнализација, при што возилата ќе се движат наизменично во една сообраќајна лента.
Градежните работи ги изведува Друштвото за градежништво и проектирање „Синтек инженеринг“ ДООЕЛ од селото Бразда, додека надзорот го врши Друштвото за управување со проекти „ЕОС Е.Е.“ ДОО Скопје. Средствата за санацијата се обезбедени од буџетот на ЈПДП, во износ од 4.619.800 денари без ДДВ.
– Јавното претпријатие за државни патишта се грижи за безбедноста и за одржувањето на повеќе од 1.100 моста на државните патишта на целата територија на државата. Следејќи ја состојбата на мостовите, повремено се создава потреба за одржување на нивниот горен строј, односно потреба од нивна промена поради пропаѓање на најлесно расипливите делови: дилатации, асфалт и другите негови елементи, со цел зајакнување на нивната безбедност и сигурноста на учесниците во сообраќајот – информираа од претпријатието.












