САД се подготвуваат да ги вратат дипломатите во амбасадите на Блискиот Исток кои беа евакуирани пред и за време на војната со Иран, што укажува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп проценува оти не е веројатно скоро обновување на конфликтот со полн интензитет, објавува „Њујорк тајмс“.
Според интерен документ на Стејт департментот до кој дошол американскиот весник, враќањето на дипломатскиот персонал би можело да започне уште оваа недела, со постепено укинување на вонредните безбедносни мерки воведени во американските дипломатски мисии.
Планот ги опфаќа амбасадите на САД во Израел, Либан, Саудиска Арабија, Катар, Јордан, Оман, Ирак и Кувајт.
Први би требало да се вратат дипломатите во американската амбасада во Либан, но таа во почетокот нема да работи со полн капацитет. Целосно враќање на персоналот е планирано во амбасадите во Израел, Јордан и Оман.
Во дипломатските претставништва во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар и Либан, бројот на вработени ќе биде ограничен на околу 85 отсто од капацитетот, додека во Ирак, Кувајт и Бахреин ќе биде ограничен на околу 75 отсто.
Од Стејт департментот велат дека безбедносната состојба во дипломатските мисии континуирано се проценува, а нивото на американското дипломатско присуство се приспособува за да се овозможи спроведување на американската надворешна политика, со истовремена заштита на персоналот.
Американските амбасади и нивниот персонал за време на војната беа изложени на напади со дронови и ракети поврзани со Иран и неговите регионални сојузници. Поради тоа, дел од дипломатите во претходните месеци беа повлечени или работеа од своите домови.
Враќањето на дипломатите испраќа сигнал дека Вашингтон проценува оти опасноста од непосредна ескалација е намалена, но американски официјални лица предупредуваат дека тоа не значи дека е постигнат траен мир.
Во меѓувреме, преговорите меѓу САД и Иран за продолжување на прекинот на огнот се во застој, додека Вашингтон се заканува со нови економски санкции против Техеран.
Американските претставници оценуваат дека враќањето на дипломатскиот персонал може да биде дел од настојувањето на администрацијата на Трамп да избегне нова ескалација. Сепак, одлуката не ја исклучува можноста за повторна евакуација доколку безбедносната состојба повторно се влоши.












