Општината со булдожер ги сруши приватните чадори, лежалки и маси од плажата Каливија во Полигирос на Халкидики, објавува порталот Iefimerida.gr.
Акцијата започна во 7 часот наутро, а целта беше да се ослободи плажата од предмети што беа поставени и со текот на времето станаа „трајни“, со што се спречува слободниот пристап до плажата за сите граѓани.
Денешната акција во Каливија следеше само неколку дена по слична интервенција во Геракини, каде што екипи од општина Полигирос отстранија околу 100 чадори и лежалки. Според локалниот портал The Opinion, кој објави и видео од денешната акција, само неколку часа по интервенцијата, чадорите се појавија повторно.
Сопствениците на апартмани за краткотрајно изнајмување им даваат на гостите лежалки за плажа заедно со клучевите.
Во разговор за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, заменик-градоначалникот рече дека е забележана практиката на сопствениците на апартманите за краткотрајно изнајмување да поставуваат лежалки на плажите, а потоа да ги „изнајмуваат“ заедно со станот.
„Денес имаме уште една кампања за отстранување на чадорите од јавните површини. Намерата на градоначалникот и општината е пристапот до плажата да биде отворен за сите граѓани, не само за привилегираните или за оние што имаат среќа да поседуваат куќа веднаш на плажа, туку за сите“, рече заменик-градоначалникот на Полигирос, задолжен за секојдневното работење на градот, Василис Фардогијанис.
Како што наведе, има „голем број апартмани што се купени и нелегално зафаќаат јавен простор. Заедно со клучот од собата што му го предаваат на закупецот, тие го предаваат и клучот што одговара на еден чадор на плажата“.
Чадорите и лежалките што се отстрануваат како дел од оваа кампања се третираат како отпад и се носат во објект за рециклирање.












