четврток, ноември 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Имаме природни богатства, но не знаеме да ги претвориме во туристичка атракција

Имаме природни богатства, но не знаеме да ги претвориме во туристичка атракција

Подолгиот престој на туристите, поквалитетната туристичка понуда, развојот на сите региони и подобрата институционална координација се клучните приоритети на кои треба да се работи. На вчерашната презентација на нацрт националната стратегија за развој на туризмот 2027–2032, беше истакнато дека нејзиното успешно спроведување ќе зависи од соработката и од координацијата на сите чинители: институциите, општините, бизнис-секторот и локалните заедници

0

Подобрување на квалитетот и пазарната конкурентност на туристичките производи, подобра координација меѓу институциите, подолг престој на туристите и рамномерна распределба на туристичкото движење во текот на годината и низ сите региони се дел од приоритетите нотирани во нацрт националната стратегија за развој на туризмот 2027–2032. Стратегијата е изработена врз основа на теренски истражувања во осумте плански региони, анкети со туристите и на консултации со засегнатите страни, при што се идентификувани 14 клучни заклучоци за состојбите и за предизвиците во секторот.

Професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид посочи дека земјата располага со исклучителни природни и културни ресурси, кои сè уште не се преточени во доволно квалитетни и конкурентни туристички производи што може успешно да се пласираат и резервираат на пазарот.

Како еден од главните проблеми ја посочи и недоволната координација меѓу институциите, нагласувајќи дека развојот на туризмот не треба да се мери само преку бројот на пристигнати туристи туку, пред сè, преку зголемување на просечниот престој.

– Многу поважно е да имаме зголемување на бројот на престој, односно туристите да остануваат подолго – истакна Коруновски.

Тој посочи дека туристичкото движење е концентрирано во една сезона и на мал број дестинации, пред сè Охрид и Скопје, поради што стратегијата предвидува временска и просторна дисперзија на туризмот, односно продолжување на туристичката сезона и активирање на потенцијалите на другите региони.

– Стратегијата се темели на четири столба: пазар и развој на конкурентни туристички производи, квалитетни и одржливи дестинации, унапредување на човечките ресурси и поддршка на бизнисите, како и подобро управување со секторот. Нејзината успешна реализација ќе зависи од институциите, општините, бизнисите и од локалните заедници, а не само од квалитетот на документот – истакна Коруновски.

Во однос на сместувачките капацитети, тој оцени дека тие во моментов не се приоритетен проблем, посочувајќи дека годишната искористеност на леглата на национално ниво изнесува околу 30 проценти. Поголем предизвик се квалитетот и хигиената на дестинациите, пристапноста, поврзаноста меѓу туристичките места и системското управување. Предвидено е и воведување пилот-проекти за тестирање нови модели на туристичките организации во првите две години од спроведувањето на стратегијата.

Министерот за култура и туризам во своето обраќање истакна дека целта на новата стратегија е растот на туризмот да донесе поголема вредност за посетителите, бизнисите и за локалните заедници. Тој посочи дека земјата има богато природно и културно наследство, гастрономија и гостопримливи луѓе, но дека треба одговорно да се развиваат и да се заштитуваат овие потенцијали.

Нагласи дека стратегијата е подготвена со вклученост на институциите, општините, експертите, туристичкиот сектор и на меѓународните партнери, а нејзиното спроведување ќе бара координација и посветеност од сите чинители.

– Туризмот не може да го развива само едно министерство, потребна е соработка меѓу институциите, локалната самоуправа и приватниот сектор – беше истакнато во обраќањето на министерот, кој ги повика присутните со конкретни забелешки и предлози да придонесат за унапредување на нацрт-документот.

Поддршка за процесот и за идното спроведување на стратегијата изрази и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, посочувајќи дека Швајцарија повеќе од една деценија го поддржува развојот на македонскиот туризам преку програмите ИМЕ и SIPPO.

Тој истакна дека досегашната соработка со јавните институции, бизнис-заедницата и со другите партнери придонела за подобро управување со туристичките дестинации, унапредување на туристичките производи и услуги и за отворање пристап до нови меѓународни пазари.

– Искуството покажува дека економскиот развој и одржливоста во туризмот се меѓусебно зависни, а зголемувањето на бројот на посетители треба да биде проследено со квалитетна понуда, заштита на природното и на културното наследство и со конкретни придобивки за локалните заедници и за бизнисите – истакна амбасадорот.

Амбасадорот ја поздрави широката вклученост на засегнатите страни во подготовката на стратегијата, нагласувајќи дека нивното учество ќе биде подеднакво важно и во фазата на спроведување. Во таа насока, најави продолжување на мандатот на швајцарската програма ИМЕ, со цел поддршка на спроведувањето на националната стратегија преку подобра координација во секторот, развој на интегриран е-туристички систем и зајакнување на капацитетите на Министерството за спроведување и следење на предвидените мерки.

– Насоката е јасна. Следниот чекор е да продолжиме напред заедно – порача Зомер.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ