Писмата се испратени на адресите на стратешките резервисти – луѓе што неодамна ја напуштиле армијата и имаат законска обврска да се вратат во служба во исклучителни околности. Тие се повикани да учествуваат во воени вежби, а, меѓу другото, намерата е да се обезбеди евиденција за нив и за нивните вештини
Британското Министерство за одбрана им порача на воените резервисти да се подготват за евентуален повик за војна. Првпат по Студената војна, се испратени писма на адресите на околу 100.000 стратешки резервисти, во кои им се нуди можност доброволно да учествуваат на обука и на воени вежби, како што е големата вежба на НАТО „Непоколеблив бранител“, следната пролет. Писмата се испратени до припадниците на сите три гранки на вооружените сили, а се потпишани од нивните команданти. Од резервистите се бара и да ги ажурираат своите контакт- информации, да наведат што работат моментално и какви вештини поседуваат, пишува „Телеграф“.
Ова се случува во време на зголемени закани од Русија, додека претседателот Владимир Путин ја тестира решителноста на НАТО. Минатата недела, Русија испука крстосувачки ракети и беспилотно летало кон источна Полска, само сто километри од местото на воена вежба предводена од Велика Британија, истиот ден кога британскиот министер за одбрана и командантот на воздухопловните сили ги посетија војниците таму. Во средата беше објавено и дека Британските кралски воздухопловни сили (РАФ) прекуноќ ги преместуваат авионите во хангарите и планираат да инсталираат мрежи за да се заштитат од напади со беспилотни летала врз британските бази. Министерот за одбрана, Вес Стритинг, предупреди дека Велика Британија мора да биде подготвена за војна во рок од илјада дена и дека мора да „биде подготвена да се бори и да победи“ со своите партнери. Во разговор за „Скај њуз“ вчера изутрина, Стритинг рече дека Велика Британија работи во „средина со зголемена закана“ и дека контактирањето со резервистите е „разумна и неопходна претпазливост“.
„Телеграф“ наведува дека Владата сака да обезбеди повисоко ниво на отпорност, бидејќи Велика Британија сега го сфаќа многу посериозно членот 3 на НАТО, кој бара од земјите членки да „ги одржуваат и развиваат своите индивидуални и заеднички способности за спротивставување на вооружен напад“. Британската армија во моментов е најмала од Наполеоновите војни наваму, со околу 73.000 активни војници. Министерството за одбрана соопшти дека се испратени писмата до ветераните како „практичен чекор за зајакнување на подготвеноста и одвраќањето, со што се намалува ризикот од конфликт“. Поканите беа испратени до стратешките резервисти, односно до ветераните што неодамна ја имаат напуштено армијата и имаат законска обврска да се вратат во служба во исклучителни околности, за разлика од обичните граѓани, кои доброволно се пријавуваат во резерва. Извор од армијата вели дека биле испратени писмата за да се подобри евиденцијата за поранешните војници. Тој додава дека никој не тврди дека резервата ќе биде одеднаш мобилизирана, туку тоа е прв чекор да се утврди кои се луѓето, каде се и какви вештини имаат.
„Телеграф“ претходно откри дека лорд Сандерс, кога бил началник на Генералштабот на британската армија, ја предупредил Владата дека ќе мора да ја „мобилизира нацијата“ во случај на војна со Русија бидејќи британската армија е премногу мала. Во минатогодишниот стратешки одбранбен преглед на британската Влада, беше истакната потребата сите сегменти од општеството да учествуваат во одбраната на земјата. Исто така, беше препорачано повторно да се воспостави контакт со членовите на стратешката резерва за да може да се користат нивните вештини и искуство доколку се појави потреба.
Владата отвори посебен дел на својата веб-страница, каде што граѓаните може да добијат информации за стратешката резерва и што значи таа за резервистите, нивните семејства и за работодавците.
-Едноставно станува збор за одговорно водење евиденција, за да знаеме како да контактираме со оние кои се предмет на повик, но исто така да имаме ажурирани информации за нивните вештини и искуство, вели Калвин Бејли, министер одговорен за прашањата на ветераните.












