Војната во Украина не смее да се прошири на Медитеранот, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони, по нападите на Киев врз руски пловила во Бенгази, Либија, на 22 ноември.
„Сметам дека војната не смее и не може да се прошири на Медитеранот. Верувам дека мораме да бидеме многу јасни по ова прашање со нашите украински пријатели, а исто така мораме да бидеме јасни и со нашите партнери“, рече Мелони на маргините на состанокот на Европскиот совет во Брисел, пренесува агенцијата АНСА.
Таа истакна дека Италија мора да направи сè што е во нејзина моќ за да продолжи да ѝ помага на Украина во нејзината одбрана.
Претходно оваа недела, италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, разговараше со својот украински колега, Андриј Сибиха, пренесувајќи ја загриженоста на Италија во врска со воените операции на Киев на Медитеранот. АНСА пренесува дека Тајани ја нагласил потребата од почитување на суверенитетот на Либија и предупредил дека војната во Украина не смее да се прошири.
На 22 ноември, украинските сили употребија седум поморски дронови за да ја потопат корветата на руската морнарица „Меркур“ – операција во која беше уништен и хеликоптер „Ка-27“ што се наоѓал на бродот – а исто така го нападнаа и рускиот товарен брод „МВ Ангара“, за кој Киев тврдеше дека превезувал оружје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека украинските сили стојат зад оваа операција, додека Службата за безбедност на Украина соопшти дека дроновите биле лансирани од брод на море, а не од копно.











