Онлајн платформата за тргување „Тему“ (Temu) се обврза да усогласи дел од своите деловни практики со прописите на Европската унија за заштита на потрошувачите, по координирана акција на Европската комисија и Мрежата за соработка за заштита на потрошувачите (CPC), соопшти денеска Европската комисија.
Обврските што ги презеде „Temu“ се однесуваат на различни деловни практики кои ги доведуваат потрошувачите во заблуда или несоодветно влијаат врз нивните одлуки за купување – како што се лажни попусти и рецензии, вршење притисок врз купувачите, задолжително учество во игри, како и давање нецелосни или измамнички информации.
„Temu“ се обврза да обезбеди информациите за компанијата да бидат појасни и подостапни, да ја подобри корисничката поддршка и да ги поедностави процесите за враќање на стоката и рефундирање на средствата, при што е предвиден рок од 14 дена за враќање на парите.
Платформата, исто така, ќе воведе механизам за откривање на лажни рецензии пред тие да бидат објавени, а на корисниците ќе им овозможи полесно да пријавуваат сомнителни рецензии.
Информациите за цените ќе им бидат појасно претставени на потрошувачите; ова вклучува јасно разликување на вистинските попусти од споредбите со референтни цени, како и прикажување на сите применливи даноци и надоместоци пред финализирање на купувањето.
Понатаму, „Temu“ се согласи да ги отстрани пораките што вршат притисок врз потрошувачите да купуваат веднаш – како што се известувањата дека одреден производ е речиси распродаден – и да го укине задолжителното учество во игри (на пример, „вртење на тркалото на среќата“) како услов за пристап до платформата. Националните органи за заштита на потрошувачите внимателно ќе го следат почитувањето на преземените обврски, кои ќе важат низ целата Европска унија и Европската економска област.
Доколку „Temu“ не ги исполни овие обврски, надлежните органи може да преземат мерки – вклучително и изрекување парични казни – во висина до четири отсто или повеќе од годишниот промет на компанијата во земјите-членки опфатени со постапката.












