четврток, ноември 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЖЕСТОК ДУЕЛ МЕЃУ ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА И ПРЕМИЕРОТ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: Канонада...

ЖЕСТОК ДУЕЛ МЕЃУ ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА И ПРЕМИЕРОТ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ: Канонада од навреди меѓу Филипче и Мицкоски – ти си лажливец, криминалец, предавник и несреќа на својот род, кодош…

Откако лидерот на опозициските социјалдемократи го обвини премиерот дека ги лаже граѓаните и дека е криминалец, премиерот му возврати дека е кодош и предавник кој не го штити својот род

0

Тешки навреди во жестока вербална пресметка се разменија вчера меѓу лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски, за време на собраниската седница посветена на пратеничките прашања. Додека го поставуваше своето пратеничко прашање, Филипче го нарекуваше Мицкоски лажливец, криминалец, наредбодавател на медиумски линчови…  за да во својот одговор премиерот му возврати со зборовите дека е предавник на својот род, кодош на својата држава и на граѓаните и несреќа која им се случила на македонските граѓани.

Пратеничкото прашање на Филипче започна со обвинувањата дека со договорот за влез на Алта банка ги загрозила парите на граѓаните и на компаниите. Потоа, го обвини премиерот дека нарачувал новинарски текстови.

– Христијан, моите професори велат секој сам си ја прави личната карта. Ти избра да владееш демагошки и макевијалистички, односно избра да лажеш и да контролираш сè. Најбезобразно призна дека нарачуваш текстови. Можеш да нарачуваш текстови каде сакаш, кога сакаш, во кој било медиум. Но, ние го знаеме тоа. Ти сега го призна пред целокупната македонска јавност. Дека си инспиратор, креатор, дека ги спроведуваш сите медиумски линчови, црни кампањи, лажни вести, кампањи со кои верувај, го загадуваш духот на граѓаните. Лажеше за идентитетот. Сите се сеќаваме на оние реклами каде што одеа наведнати луѓе, ти викаше „Продаден е идентитетот, Преспа го продала Преспанскиот договор“ и така натаму. За сега самиот да признаеш дека Преспанскиот договор го заштитил идентитетот, а нашиот јазик е веќе признат во Обединетите нации. Ти го кажуваш тоа. Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен дојде и тука, директно, отворено, во чело, ве чекаме во Европа со вашиот идентитет и јазик – директно ти кажува веќе немој да лажеш. Немој да ги лажеш граѓаните. Со тебе успех стана во Европа да добиеме бесплатен роаминг – нагласи Филипче.

Тој додаде дека целокупната состојба во државата, откако Мицкоски е премиер, е катастрофална и наведе дека прима закани од кои не се плаши.

– Трета економија сме биле во Европа. Како трета економија? На дното сме по бруто-домашен производ по глава на жител. За 50 проценти е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на речиси 12 милијарди евра. И во такви околности, во таква матна вода, ја носите тука Алта банка. Најкриминалната банка во Европа. Порачajтe им на другарите со кои сега спремате увоз на мазут, да не ми се закануваат, другарите ваши од Србија. Затоа што не ви се плашам. Не ви се плашам. Затоа што јас сум на страната на Македонија. Вие сте на страната на криминалот – нагласи лидерот на СДСМ.

Одговарајќи на ова, премиерот Мицкоски рече дека за разлика од Филипче, не оди надвор за да зборува лошо за сопствената земја.

– Би сакал повеќе да зборувам околу идентитетот. За разлика од Вас, јас не одам надвор од Македонија да кодошам луѓе од Македонија. Па дури и за вас се борам. Дури и за тоа што го направивте со Преспанскиот договор, со Договорот за добрососедството и со францускиот предлог, надвор од земјава, во Брисел, нема никогаш да кажам ниту еден лош збор. Прво, тоа е моето домашно воспитување а второ, јас се борам не за вас туку за Македонија како држава, и за граѓаните, а кои имале несреќа вие седум години да бидете дел од Владата како коалиција СДСМ – ДУИ. Тоа го кажувам директно во очи, не треба да имате никакви дилеми. Но, надвор од Македонија , колку и да сте лоши, колку и да сте  големи предавници на својот род и колку и да не го штитите својот род, иако имавте можност седум години, јас никогаш нема лош збор да кажам. Затоа што мислам дека тоа што е за дома е за дома, тоа што е за надвор е за надвор. Јас надвор не се борам за вас туку се борам за Македонија како држава и за граѓаните. Нема никогаш да се однесувам како вас, како кодош и да ги кодошам сопствените граѓани, да ги користам сопствената држава и сопствената влада оти таа влада има легитимитет со повеќе од 600.000 гласови. Никогаш нема да дозволам никој надвор да ликува на наша неслога колку и да имаме различни ставови. Тоа е моето домашно воспитување. Можеби тука треба да го барате  проблемот во вашето однесување – нагласи премиерот Мицкоски.

Во однос на капиталните проекти што ги наведува СДСМ, премиерно рече дека останува на тоа дека тоа е криминал.

– Еве, ќе повторам, по којзнае пат, „Бехтел и енка“, проект т.н. коридори 8 и 10, е криминален. Но, што имаме од тоа? Да ги оставиме тие 350, 250 милиони евра што ги префрливте од Буџетот. Еве, ги повикувам од Јавното обвинителство, нека дојдат и нека истражат, а мислам дека веќе истражуваат. Мислам дека тоа е најлошиот проект за Македонија, но мора да го завршиме. На половина ли да останеме? Како што вие се однесувавте кон Кичево – Охрид. Тоа е неодговорност. Не знам од каде ви е чувството дека сум ги променил ставовите. Мислам дека сте предавник, вие и таа влада во која бевте. Но надвор нема да го кажам тоа, во Брисел, во Берлин нема да го кажам тоа, но ќе ве бранам, порача Мицкоски. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ