Силвен Франциско беше едно од најбараните имиња во европската кошарка ова лето, по одличната сезона во дресот на Жалгирис. Францускиот плејмејкер, на крајот, заврши во Панатинаикос, но откри дека бил многу блиску до реализација на својот НБА-сон. За неговите услуги биле заинтересирани најмалку пет или шест НБА-клубови, а најконкретни биле Чикаго Булс, кои му понудиле можност за загарантиран двегодишен договор.
Сепак, трансферот пропаднал поради размена која Чикаго морал да ја заврши пред да го потпише Французинот. Целиот процес бил закочен затоа што клубовите во НБА ја чекале одлуката на Леброн Џејмс за неговата иднина.
- Имав шанса со Чикаго Булс, но размената што сакаа да ја направат пред да ме потпишат беше блокирана. Сите во НБА ја чекаа одлуката на Леброн, откри Франциско.
Проблемот бил во тоа што Французинот имал рок до 20 јули да ја активира клаузулата за раскин на договорот со АСВЕЛ. Леброн ја донел својата одлука четири дена подоцна, кога веќе било предоцна за Франциско.
- Мојот рок беше 20 јули, а Леброн потпиша четири дена подоцна. Дури тогаш клубовите почнаа да тргуваат со играчи, објасни тој.
Франциско призна дека бил разочаран, но не сака да ја обвинува ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс. Наместо НБА, тој избра да продолжи во Европа и потпиша со Панатинаикос.
Во меѓувреме, Французинот имаше и проблеми со АСВЕЛ. Иако претходно се договорил со клубот, неизвесноста околу буџетот за новата сезона го натера да побара раскин.
- Кога дознавме дека на АСВЕЛ ќе му треба повеќе време за да го заврши буџетот, им кажав на агентите дека мора да си заминеме, рече Франциско.
Тони Паркер се обидел да го задржи, но 28-годишниот плејмејкер решил веќе да не чека. Панатинаикос ја искористил ситуацијата и платил обесштетување за да го доведе во Атина.
Така, наместо во НБА, Франциско ќе се бори за европскиот трон со Панатинаикос. Сепак, неговиот сон за најсилната лига во светот не е завршен и доколку продолжи со одличните игри, нова шанса може да добие следното лето.











