Струјата за домаќинствата од Нова година, најверојатно, ќе поскапи за 2 до 3 проценти, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов. И набавката на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи годинава ќе чини поскапо. Имено, на тендерот на „ЕВН Хоме“, ЕСМ понуди повисока просечна цена од онаа по која ја испорачуваше струјата годинава. За двата лота е постигната просечна цена од 67,7 евра за мегават-час наспроти досегашните 65 евра, што претставува зголемување од околу 4,15 проценти во набавната цена.
На тендерот за периодот јануари – декември 2027 година, „ЕВН Хоме“, како универзален снабдувач, ја подели набавката во два лота. За 70 проценти од потребните количини, ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават-час, додека за преостанатите 30 проценти понудата изнесува 74 евра. Повисоката просечна набавна цена не значи автоматски ист процент на поскапување за домаќинствата, бидејќи конечната цена ја сочинуваат и трошоците за пренос, дистрибуција и снабдување. Од „ЕВН Хоме“ соопштија дека ќе ја направат конечната пресметка во согласност со методологијата и под надзор на РКЕ.
Ристов неодамна изјави дека енергетските компании веќе ги доставиле своите финансиски и технички барања, кои се анализираат, а конечните одлуки треба да бидат донесени до крајот на годинава. Според него, компаниите бараат зголемување поради растот на трошоците и состојбите на енергетските пазари, но РКЕ ќе настојува да направи баланс меѓу нивните барања и интересот на граѓаните.
Тој посочи дека МЕПСО побарало зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти, но најави дека нема да биде прифатено тоа.
– Ние не гледаме апсолутно никакви причини поради кои би се зголемувала цената на преносната енергија за МЕПСО, така што отсега можам да ви кажам: кај МЕПСО нема да има никакво покачување – изјави Ристов и додаде дека во однос на дистрибуцијата, РКЕ работи на задржување на трошоците во сегашните рамки.
Покрај тоа, Регулаторот подготвува и нов модел за пресметување на мрежарината. Наместо сите домаќинства да плаќаат ист фиксен износ, дел од мрежарината би се поврзал со потрошувачката. Според Ристов, тоа би значело помал трошок за домаќинствата со помала потрошувачка, особено за оние во категоријата енергетска сиромаштија, додека поголемите потрошувачи би плаќале повеќе. За парното греење, и покрај барањата на компаниите за зголемување од 45 до 50 проценти, неговата процена е дека би било поскапувањето од 6 до 8 проценти.
Во меѓувреме, Владата најавува мерки за зголемување на домашното производство и ублажување на ефектите од енергетската криза.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека претстојната зима ќе биде тешка за Европа и за Македонија, но дека Владата работи на решенија со кои ќе го заштити животниот стандард на граѓаните. Меѓу планираните активности се зголемување на производството во термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ со дополнителни количества јаглен од Косово, како и рестартирање на ТЕЦ „Неготино“.
За таа цел, ЕСМ потпиша договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за испорака на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци, по договорена цена од 24,4 евра за тон. Дополнително, се работи на зголемување на пропусноста за транспорт на јаглен преку граничниот премин Блаце, а за ТЕЦ „Неготино“ се подготвува транспорт на мазут од Солун, преку железницата. Со овие активности, Владата очекува да го зголеми домашното производство и да ја намали потребата од набавка на струја по повисоки берзански цени.
На најавите за поскапување, реагираа и од опозицијата. Оттаму посочија дека Владата не ги исполнува претходните ветувања дека нема да поскапи струјата.
– И зголемување од 2 до 3 проценти ќе значи нов удар врз стандардот на граѓаните и ќе предизвика дополнителен раст на цените на производите – посочија од СДСМ.
Конечната цена на струјата ќе биде позната по одлуката на РКЕ, која треба да ја донесе до крајот на декември. Дотогаш останува да се види колкав дел од повисоките набавни трошоци ќе се одрази врз сметките на домаќинствата и дали ќе успеат најавените мерки на Владата да го ограничат поскапувањето.
(А. С.)












