– Беше многу интересно да се работи на темата време, како го доживуваат актерите, како го доживуваат ликовите во драмата и како реагираат. Исто така, се занимававме и со темата рутина, љубов, близина, но истовремено и со осаменоста. И тоа создаде некоја посебна атмосфера во претставата – посочи Кристина Димитрова, режисерка на претставата „Саатот“, работена според текст на македонската авторка Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, која публиката ќе има можност да ја види утре (2 април) во 20:00 часот, во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“

 

– Без македонската драма, нема македонски театар. И не само една драма годишно туку треба да се одбираат повеќе и тие да се играат на театарските сцени низ државата. Само така можеме да создадеме наш автентичен театар – кажа на вчерашната прес-конференција Кристина Димитрова, режисерка на претставата „Саатот“, работена според текст на македонската авторка Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, која публиката ќе има можност да ја види утре (2 април) во 20:00 часот, во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

Таа посочи дека ова е прв текст на Лидија, прв поставен на сцена и дека е наградуван.

– Чест ми е што, конечно, ми се даде шанса да поставам текст на современ македонски автор. Тој е напишан во 2020 година и интересен е бидејќи се работи за релативно млад брачен пар. Имаат четириесет години, но се долго заедно и живеат во различно време. А времето го игра човек што е ѕиден часовник. Го игра Филип и е музичар. Беше многу интересно да се работи на темата време, како го доживуваат актерите, како го доживуваат ликовите во драмата и како реагираат. Исто така, се занимававме и со темата рутина, љубов, близина, но истовремено и со осаменоста. И тоа создаде некоја посебна атмосфера во претставата – посочи режисерката.

Инаку, во претставата персонифициран ѕиден часовник е дел од животот на еден брачен пар – постојано ги следи, им го окупира просторот и буквално им го одбројува времето. Проблемот започнува токму од нивниот различен однос кон времето: додека мажот е спокоен и нема проблем со присуството на часовникот, на жената ѝ пречи неговото непрекинато чукање, ја прави нервозна и премногу свесна за поминувањето на времето. Таа упорно го наведува сопругот да заминат некаде и да почнат да прават нешто значајно со своите животи пред да биде предоцна, но каде и да оди, што и да прави, таа не успева да се ослободи од чукањето на часовникот. Времето не гарантира смисла – ни овде ни никаде. Ова е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време, кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нè наоѓаат.

Во претставата играат Филип Јездиќ (Саатот), Димитар Ѓорѓиевски (Јован), Наташа Ачански (Вера) и Ана Митоска (вокална појава во финалната сцена).

– Оваа актерска екипа лавовски се бореше за да го задржи секој мој збор од текстот во целост. Јас, како драматург, имам професионална деформација да кратам и менувам. Но, сите застанаа во одбрана на мојот текст и го одбранија успешно од мене. Така што нека си има свој живот, кога ме преживеа мене. Сега, откако заврши процесот, се чувствувам лесно и исполнето. Разликите на сликите додека го пишував текстот и на она што го гледам на сцена се големи и не можев да замислам дека ќе се добијат овие аспекти што Кристина успеа да ги извлече од текстот. Таа покажа дека текстот е подлабок од она што мислев јас дека е и дава повеќе можности. Сето тоа се склопи сценографски, костимографски и музички што беше особено интересно. Оваа екипа го облагороди она што го направив јас – додаде Митоска-Ѓорѓиевска.

Актерите, пак, посочија дека се работи за прекрасна претстава и дека, како и сите претстави од домашни автори, буди посебни емоции во кои се препознава секој од нас.

Директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, Марија Попова-Јованоска, пак, истакна дека ова е прва премиера за 2026 година, реализирана со поддршка на Министерството за култура.

– Оваа година, со финансиска поддршка на Министерството, ќе реализираме вкупно пет проекти. „Животинска фарма“ во режија на Ќендрим Ријани, „Девојките на Марко“ во режија на Синиша Евтимов, „Лет над кукавичкото гнездо“ во режија на Ѓеорги Ризески, „Ловец во `ржта“ во режија на Мартин Кочоски и „Саатот“ во режија на Христина Димитрова.

– Претставата „Саатот“ се подготвуваше на „Сцената 105“, простор што овозможува поинтимен и пофокусиран сценски пристап. Пред публиката ќе донесеме една интимна, искрена и современа театарска приказна, која ќе ги натера гледачите да размислуваат за времето, за животот и за промените околу нас – посочи директорката Попова-Јованоска.

Сценoграфијата и костимите во претставата се на Благој Мицевски, а музиката на Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ