Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека утре точно во 12 часот ќе ги објави своите одлуки за распуштање на Народното собрание и распишување предвремени избори.
Тој, исто така, потврди дека изборите ќе се одржат на 25 октомври, објавува „Н1“.
„Треба да донесам две одлуки во согласност со Уставот и Законот за претседателот. Првата е указ за распуштање на Народното собрание на Република Србија, втората е одлука за распишување избори. Ќе ги објавам обете одлуки утре, точно во 12 часот. Изборите ќе се одржат во Србија на 25 октомври“, рече Вучиќ на „РТС“.
Изборната кампања ќе трае 46 дена.
Вучиќ, кој ќе ја предводи листата на Српската напредна партија, тврди дека знае „дека некои повторно ќе ги блокираат факултетите“ и додаде дека ги моли да не го прават тоа.
„Ако го сторат тоа, го прават на своја штета и на штета на граѓаните на Србија, другите студенти, професорите и сите други“, рече тој.
Тој изјави дека „со радост ќе го прифати секој демократски резултат“ од изборите.
Да потсетиме дека законот предвидува дека парламентарните избори ги распишува претседателот на државата и дека од денот на нивното распишување до денот на одржувањето на изборите не можат да поминат помалку од 45 или повеќе од 60 дена.
Главниот одбор на Српската напредна партија одлучи дека носител на листата на Единствена Србија на претстојните парламентарни избори ќе биде актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и дека тој ќе биде кандидат за премиер на Србија, доколку таа листа победи, пренесе „Бета“.












