Колку е битно во животот да доминира прифаќањето и дали треба да го бараме идеалот без притоа да ги согледаме околностите во кои се наоѓаме?
Во некои ситуации, исклучително е битно да биде присутно прифаќањето во нашиот живот, зашто не е пожелно постојано да итаме со отпор, со неприфаќање на судбината, со дистанца и со чувство дека ништо не е доволно добро, дека сѐ треба да биде совршено. Клучно е да се соочиме со нештата такви какви што се, а не да се водиме според нашите интимни желби и копнежи. Размислувајќи за идеалот, ние ги пропуштаме нештата што може да бидат блиску до идеалот.
Барањето сѐ да биде совршено, прави константно да живееме во недостиг.
Можеби, бараме совршено привлечна партнерка, совршена работа, да бидеме исклучително привлечни, познати, богати, успешни итн. Сето тоа асоцира на недостиг, зашто кога сме во постојано барање и исчекување, тоа значи дека не ги уживаме нештата што ги имаме, туку копнежливо гледаме кон тоа што го немаме. Со таквиот пристап, нема целосно да уживаме во мигот на сегашноста и во односите во кои се наоѓаме. Понекогаш е покорисно да ја прифатиме реалноста во која се наоѓаме, зашто со самото прифаќање, барем делумно ќе исчезнат незадоволството, напнатоста и притисокот што самите на себе си ги создаваме. Тоа што треба да се случи, веројатно, ќе се случи бидејќи, како што вели народната мудрост, тоа што е твое, ќе си дојде. Ти работи најдобро што можеш за да биде, но притоа гледај каде си, со кого си, зашто си, односно согледај ја реалноста.
Многу од луѓето, размислувајќи за небото, заборавија на земјата. Треба да бидеме како дрвјата, кои се развиваат и пуштаат корења во земјата, но се стремат кон небото. Ако нема корен, односно темел во земјата, тоа дрво не може да расте и да се развива.
Нашиот духовен темел произлегува од карактерот, волјата и од стремежот разумно да им пристапуваме на нештата што се наоѓаат во нас и со кои се среќаваме надвор од нас. Затоа не треба да претеруваме со исчекувањето на совршеното и со копнежот по идеалното, ниту премногу да ги идеализираме другите и некритички да се однесуваме кон самите себе. Проблемите нема да нè заобиколат и доколку негуваме мегаломански амбиции и нереално ги согледуваме околностите во кои се наоѓаме.
Корисно е секој да си ги постави следниве прашања: каков сум; каде сум; какво беше моето минато; што научив од минатото; дали мигот на сегашноста ме прави среќен и исполнет; дали перспективите на иднината ветуваат напредок и хармонија и што треба да направам да го постигнам тоа? Одговорот на овие прашања се крие во мудроста и во способноста да расчистиме со идеалите и да се свртиме кон реалноста.
Мудрост е да знаеме што можеме, а способност е да го постигнеме тоа што го можеме.
Секој сака да биде најдобар, најуспешен, најмоќен во нешто, но дали е целосно остварливо сето тоа. Сакаме силни страсти, постојани задоволства, многу пари, егзотични патувања, константна среќа, сродна љубов, врвна моќ и постојана хармонија, Многу нај, нај, нај, што предизвикува притисок и внатрешна несигурност, особено откога ќе сфатиме дека сме далеку од таквите остварувања. Тоа произлегува од копнежливата ориентација, од превисоките барања, очекувања и форсирање кон материјалните добра, кои се менливи и минливи нешта. Сето тоа се пренесува и во релациите помеѓу луѓето, така што сè поретко може да се забележи подадена рака, насмевка, отворен дух, верност, емпатија и позитивна емоција, туку барања, очекувања и наметнување.
Сите ние мора да научиме да бидеме среќни со тоа што го имаме, зашто тоа што го немаме, можеби, никогаш нема ни да го имаме. Притоа, не треба да ги обвинуваме другите и судбината за тоа што го немаме.
Барајќи го идеалното или исчекувајќи го совршеното, ние се оддалечуваме од малите и убави нешта, кои, исто така, може да нè направат среќни, задоволни и исполнети. Прифаќањето е второ име за слободата, зашто кога се прифаќаме себеси, нужно се ослободуваме од сите притисоци и фрустрации произлезени од нашето его и од потребата сѐ да биде совршено. Препознавањето, прифаќањето и ширењето на своите вредности е вистинскиот пат за доживување на среќата и хармонијата во животот.
Објективноста во размислувањето е клучна за да ги искористиме своите потенцијали. Треба да знаеме што можеме, а што не можеме да постигнеме.
Секој не може да биде спортска, филмска или музичка ѕвезда; ретко кој може да биде мултимилионер, ниту, пак, секому му е дадено да биде исклучително мудар, убав или успешен. Но, секој на одредено ниво може да биде паметен, привлечен, успешен или финансиски реализиран. Значи, суштината на нештата не се крие во тоа какви сме пред и за другите, туку каков однос негуваме кон самите себе. Затоа, врз основа на реалните околности во кои се наоѓаме, неопходно е да се прифатиме себеси и да ја развиваме нашата оригиналност, бидејќи секој е посебен на свој начин. Таквиот пристап ќе ни помогне да се ослободиме од притисокот да бидеме нај, нај, нај, сметајќи дека некој го очекува тоа од нас или зашто самите ние го бараме тоа од себе. Примерите со големите музички ѕвезди Мајкл Џексон и Принс покажуваат дека перфекционистичката ориентираност и опсесивната оддаденост да се биде најдобар може сериозно да го загрозат човечкото здравје и на крајот да предизвикаат смртни последици.
Кога наспроти притисокот се определуваме за прифаќањето, нужно ќе ги почувствуваме благодатите на духовниот мир и слободата на размислувањето и дејствувањето.
Поединецот што ги нема почувствувано овие вредности, живее во зависност и подреденост на влијанијата и сугестиите од јавноста. Тоа ќе предизвика надворешните фактори да го направат неслободен и неспособен да ја види реалната слика на нештата. Проблемите секогаш се јавуваат кога претеруваме со потребата да се докажеме и покажеме пред другите. Таквиот пристап произлегува од ниското ниво на самопочит, од неприфаќањето на сопствените вредности и од впечатокот дека не сме доволно убави, паметни, вредни или успешни, поради што несвесно бараме внимание и потврда од другите. Доколку се доведеме во ситуација нашата самовредност да зависи од судот на јавноста, тогаш неизбежно ќе ја загубиме контролата врз сопствената личност и ќе станеме зависни од влијанието на другите.
Наместо постојано да се обидуваме да ја задоволуваме јавноста, првично треба да се прифатиме и задоволиме самите себе, а потоа да се ориентираме и кон другите.
Добрите нешта произлегуваат од концепцијата што бара да се себеприфатиме, себеактуализираме и себепоттикнеме кон позитивните можности во животот. Доколку ги водиме своите цели и ориентации според тие вредносни начела, тогаш нужно ќе одиме напред и ќе создадеме позитивни резултати. Затоа е клучно да доминира прифаќањето на самите себе и наместо да претеруваме со себеидеализацијата, многу покорисно е да го втемелиме животниот пристап на реалното согледување на сопствените вредности.
Заклучокот е дека најголемата мудрост произлегува од ставот – сѐ што е добро е вредно за прифаќање, а сѐ што е лошо треба да го избегнуваме и отфрламе. Притоа, никогаш не треба да се негираме, потценуваме и да ја отфрламе можноста да се менуваме и подобруваме, зашто илузорно е да очекуваме другите да нè прифатат и засакаат доколку самите не умееме да се прифатиме и да ги засакаме сопствените посебност, доблесност и вредност.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












