Издавачи, литературни агенти и професионалци од издавачкиот сектор од Грција, Бугарија и од Албанија ќе бидат гости на програмата „Скопје фелоушип“, во рамките на 14. издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 13 до 15 септември, во Скопје.
Годинашното издание на програмата во Скопје ќе ги донесе: Ефи Риза-Скифа, основачка и издавачка менаџерка на грчката издавачка куќа „Енастрон“; Манол Пејков, сопственик и генерален директор на бугарската издавачка куќа „Жанет 45“ и основач на Софиската литературна агенција; Рајмонда Хида, директорка за надворешни односи и авторски права во албанската издавачка куќа „Фан Ноли“; Гергана Панчева, извршна директорка на Софиската литературна агенција; Аристеа Илиопулу, раководителка на издавачкиот сектор и лекторка во „Енастрон“ и Реџеп Хида, директор на „Фан Ноли“.
Во програмата „Скопје фелоушип“ вообичаено учествуваат издавачи, литературни агенти и други професионалци од меѓународниот книжевен и издавачки сектор, со цел да се овозможи поголема видливост на македонската книжевност и да се создадат директни контакти меѓу домашните автори, издавачи и странските професионалци.
Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставниците на Македонската асоцијација на издавачи и на други домашни издавачки куќи.
Програмата им е посветена на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. „Про-за Балкан“ е првиот фестивал во поширокиот регион што воспостави ваква програма, а годинава „Скопје фелоушип“ ја одбележува својата 13-годишнина.












