– Тоа што ќе го донесеме дома од наградите „Еми“ е едно незаборавно искуство од еден од најголемите светски настани по „Оскарите“, меѓународно признание, нова видливост за македонскиот филм и доказ дека не мора границите на една мала земја да бидат и граници на нејзините приказни – изјави Тамара Котевска на доделувањето на наградите „Еми“ во Лос Анџелес, каде што беше номиниран македонскиот документарец „Приказната за Силјан“ во две категории

Македонската режисерка Тамара Котевска и екипа од филмот „Приказната за Силјан“ присуствуваше на доделувањето на 78. награди „Еми“, во Лос Анџелес, САД, каде што беше номиниран македонскиот документарец во две категории.

Како што е познато, годинава „Приказната за Силјан“ доби две номинации за наградите „Еми“, кои се едни од најпрестижните признанија во светската телевизиска индустрија. Првата номинација беше за исклучителни заслуги за снимање документарни филмови (Exceptional Merit In Documentary Filmmaking), категорија што препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност, а втората – за извонредна кинематографија во програмата за документарни филмови (Outstanding Cinematography For A Nonfiction Program), што претставува признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Жан Дакар.

Притоа, „Силјан“ беше единствениот филм од неамериканска продукција меѓу номинираните во своите категории, односно во двете категории се најде во директна конкуренција со американски продукции. Особено силна беше номинацијата за наградата „Exceptional Merit in Documentary Filmmaking“, каде што „Силјан“ беше еден од само двата номинирани филма, додека во категоријата „Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program“, се најде меѓу петте избрани остварувања.

За жал, наградите во двете категории им припаднаа на американски продукции.

– Тоа што ќе го донесеме дома од наградите „Еми“ е едно незаборавно искуство од еден од најголемите светски настани по „Оскарите“, меѓународно признание, нова видливост за македонскиот филм и доказ дека не мора границите на една мала земја да бидат и граници на нејзините приказни – изјави Тамара Котевска.

Како што истакнуваат од Агенцијата што работи ПР за филмот „Приказната за Силјан“ во Македонија, фактот што стигна еден македонски филм до две номинации за наградите „Еми“ е силно признание за македонската кинематографија.

– Уште поголема тежина претставува и тоа што доаѓа овој документарец од Македонија, која со својата мала филмска индустрија не располага со буџетите и со продукциските услови на најголемите светски кинематографии. Од македонските села и пејзажи, преку светските фестивали и „Нешнл џиографик“, до црвениот килим во Лос Анџелес, „Приказната за Силјан“, сепак, покажа дека може да стигне една локална приказна до светската публика – додаваат оттаму.

Да потсетиме, филмот „Силјан“, инспириран од познатата македонска приказна, ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба почнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежноста и надежта.

Минатата година, филмот ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски фестивал, по што доби повеќе позитивни реакции од светската филмска критика, се прикажа на многу престижни фестивали и се закити со повеќе награди, меѓу кои наградата на музата (Cinema and Arts Award) во Венеција и наградата за најдобар документарец на доделувањето на 41. меѓународни награди за документарен филм (International Documentary Awards – IDA).

Третиот документарец на Котевска беше откупен од „Нешнл џиографик документари филмс“ за прикажување, а лани беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ и на британската „Корнершоп“, а други продуценти се кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски, Ана Хашми и режисерката Котевска. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ