вторник, септември 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Трајна обврска за секоја генерација – има само една Македонија!

Трајна обврска за секоја генерација – има само една Македонија!

1

Политички пораки по повод 8 Септември

Верувајте во нашата татковина. Не затоа што е совршена, туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми, туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа, туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“, која се одржа на платото пред Владата, а почна со церемонија на подигање на државното знаме и со интонирање на химната од страна на Воениот оркестар. Премиерот истакна дека триесет и петтата годишнина од независноста мора да биде пресвртна точка и упати порака за обединување и за меѓусебна поддршка.

– За сите има место и почит под овие небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме. Мора да успееме. Затоа што народот што низ вековите научил како да преживува, сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба – рече Мицкоски.

Да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нема компромиси за идентитетот, јазикот и културата

Премиерот Мицкоски  во своето обраќање по повод 35-годишнината од независноста на државата се осврна и на Европската Унија, нагласувајќи дека тој работи во насока да бидеме генерацијата, која ќе ја внесе државата во ЕУ, но додаде дека сите се свесни дека постои еден последен предизвик за да се почне со патот, а за да се надмине потребно да се да се создаде доверба.

Мицкоски истакна дека довербата ќе се создаде доколку се прифатат фактите, да се престане со игнорирање на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија, да се стави крај на негирањето на правото на употребата на мајчиниот македонски јазик, да се престане со барањето на корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна. Премиерот нагласи дека нашиот пат е европскиот, но на него не може да се прават компромиси за идентитетот, јазикот и културата.

– Јас посакувам и јас работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема подобра алтернатива за државата, точно е тоа. Но истовремено секој еден од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик, кој што стои пред нас, не за да го завршиме патот, туку за да го почнеме, не затоа што имаме некаква гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку дека ќе почнеме да го чекориме тој пат. Кога ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици на немоќ од нашите политички противници или барем од дел од нив, кои што велат во една состојба на самозаводолување – решете го проблемот и нималку не се свесни дека тие се тие кои во суштина го креираа проблемот, кои што од предлог прифаќајќи го на авантуристички начин, созадоа услов за нашиот напредок, кон полноправно членство во ЕУ. Истите тие кои денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваат да го решиме и да ќе го решиме, само треба трпение, најпрвин да се создаде доверба, а за да се создаде доверба, треба да престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт кој што е стар со векови. Тоа се факти од кои нема бегање и додека не ги прифатиме овие факти нема доверба, а кога нема доверба нема дијалог, затоа напрвин ајде да создадеме доверба, а потоа и да водим дијалог. Дијалог без дверба не водиме никаде, туку кон нови проблеми и нови порази – порача Мицкоски.

Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме

Демографскиот пад и масовното иселување на младите се наметнаа како една од централните теми и во годинашните пораки по повод Денот на независноста. Политичарите се обединуваат околу една загрижувачка констатација: Македонија ги губи младите и ја истакнаа потребата да се изгради држава во која остануваат тие да ја градат својата иднина.

-Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Никој друг нема да ни го уреди домот, освен ние самите. Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна  надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но, пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод 8 Септември – Денот на македонската независност.

– Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека во изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и со двојни стандарди, кои стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми. Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување, се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние што беа и сѐ уште се наша најголема надеж. Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други – вели претседателката во честитката до граѓаните.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека државата се гради секој ден.

– Триесет и пет години живот на една држава не се многу, но се доволни за да разбереме дека не се постигнува државноста само со еден политички акт, со референдум или само со прогласување независност. Државата е нешто што се гради секој ден – со функционални институции, со еднакво право за сите, со одговорност, со работа, со образование, со економски развој и, пред сè, со луѓе што веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата. Наша заедничка должност е да градиме држава во која институциите им служат на граѓаните, во која законите се применуваат еднакво за сите, во која корупцијата не се толерира и во која европската перспектива е заедничка цел – вели Гаши во честитката.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека наша генерациска задача е да изградиме европска држава.

– Државата е во создавањето можности родителите достоинствено да го издржуваат своето семејство, младите да создадат дом, а повозрасните да имаат мирна и достоинствена старост. Работниците да живеат од својот труд, достоинствено , без страв дали ќе им стигне платата до први. Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома. Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите. Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома. Тоа е нашата генерациска задача.  Да ја продолжиме македонската државотворна линија – со заедништво, со достоинство и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е сè што имаме – вели Филипче во честитката.

Од Движењето ЗНАМ за наша Македонија, во честитката по повод празникот истакнаа дека независноста е наша чест, но и наша обврска да ја чуваме државноста, да го браниме достоинството и да создадеме Македонија во која секој граѓанин ќе има сигурна иднина и еднаква можност за успех.

– Македонија е наша татковина. Независноста е наше наследство. Иднината е наша заедничка обврска. Да продолжиме заеднички да ја градиме силна, стабилна, достоинствена и европска Македонија – се вели во честитката од ЗНАМ.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, порача дека на Македонија не ѝ треба само смена на чуварите на истиот систем туку и промена на системот.

– Доста е од реформи што никогаш не завршуваат. Од закони што важат за граѓаните, а се растегнуваат за функционерите. Од политичка одговорност што завршува со прес-конференција и институционална одговорност што завршува со застарување. Триесет и пет години се доволни за алиби. Одговорност со име и презиме. Институции што нема да менуваат партиска боја по секои избори. Професионална администрација. Помал и поефикасен државен апарат. Закони што важат еднакво за сите. И функционери што знаат дека функцијата не е сопственост, туку привремена одговорност пред граѓаните – вели Зајкова.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку објава на социјалните мрежи, го искористи Денот на независноста на Македонија за да потсети на Охридскиот мировен договор. Тој порача „да не се враќаме кон политиките што разделуваат, туку да одиме кон држава што обединува“. Тој предупреди на исклучувањето на Албанците во застапеноста.

– Загрижува кога гледам исклучување во застапеноста, пречки во употребата на јазиците, неинклузивност во културата и јавниот живот или обиди за поткопување и релативизирање на принципите врз кои беше изграден мирот. Треба да бидеме внимателни.

Секој обид Охридскиот договор да се претстави како закана за државата е враќање назад во дебата на која историјата веќе го даде својот одговор. Денес, мојата загриженост не е само за она што е постигнато туку и за она што може да се загуби доколку заборавиме зошто беа потребни промените од 2001 година – вели лидерот на интегративците. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ