За 35 години, Македонија доби повисоки плати, повеќе автомобили, Интернет и туристи, но загуби стотици илјади жители во однос на демографскиот потенцијал. Бројот на деца и на новороденчиња опаѓа, додека уделот на старите расте. Економијата и БДП се зголемија, но Македонија и понатаму заостанува зад европскиот просек. Технолошкиот и инфраструктурниот напредок се очигледни, но демографскиот пад станува сè посериозен економски проблем. По три и пол децении независност, најголемиот предизвик не е само како да се зголеми стандардот туку и како да се задржат луѓето во земјата
Три и пол децении по независноста, Македонија е значително поинаква земја. Денес има повисоки плати, повеќе автомобили, Интернет во речиси секој дом, повеќе студенти, странски туристи и директни авионски линии до европските градови. Но, зад економскиот и технолошкиот напредок се крие еден од најголемите проблеми на државата: Македонија има сè помалку луѓе.
На почетокот од независноста, земјата имала нешто повеќе од два милиони жители. Според последната процена на Државниот завод за статистика, на крајот од 2025 година населението се намалило на 1,8 милиони. Само во последните десет години, Македонија загубила речиси 96 илјади жители, покажуваат податоците на ДЗС.
Директорот на ДЗС, Дејан Станков, во предговорот на публикацијата вели дека овие статистички показатели се хроника на државата, раскажана низ факти и бројки.
– Триесет и пет години независност се повеќе од јубилеј – тие се приказна за македонската држава, за нејзиниот развој, за промените низ кои поминала и за луѓето што ги создавале нејзините сегашност и иднина. Секоја година остава свој белег. Некои промени се видливи веднаш, други се препознаваат дури по извесно време. Но, сите тие оставаат трага во официјалната статистика. Затоа бројките не се само податоци – тие се сведоштво за економскиот развој, животниот стандард, пазарот на трудот, демографските движења, образованието, земјоделството, животната средина и сите други области што го обликуваат општеството. По повод 35-годишнината од независноста, Државниот завод за статистика ја подготви оваа јубилејна публикација, како статистички портрет на државата низ времето. Преку внимателно избрани показатели, претставен е развојот на земјата во изминатите три и пол децении, овозможувајќи споредба меѓу почетоците и денешната реалност – вели Станков во предговорот.
Според публикацијата „35 години независна Македонија“, која ја објави државната статистика и која преку внимателно избрани статистички показатели ги прикажува развојот и промените во земјата во изминатите три и пол децении, уште позагрижувачка е структурата на населението. Во 1994 година, децата до 14 години сочинувале 20,2 проценти од населението. Во 2025 година, нивниот удел паднал на 16,2 проценти. Во исто време, уделот на лицата над 65 години пораснал од 11,7 на 18,8 проценти.
Фактот дека старее Македонија, а младите генерации се сè помалобројни, најдобро се гледа во училиштата. Во учебната 2000/2001 година, во основните училишта имало речиси 250 илјади ученици. Во 2025/2026 година, бројот е паднат на околу 174 илјади – за 25 години Македонија загубила повеќе од 75 илјади основци, односно за 30 проценти.
Причината е јасна и во статистиката за раѓање. Природниот прираст од позитивни 9,8 лица на илјада жители во 1991 година стигнал до минус 2,4 во 2025 година. Стапката на наталитетот е речиси преполовена – од 17,1 живородени на илјада жители во 1991 година на само 8,7 во 2025 година.
Во меѓувреме, се менува и семејната структура. Во 1994 година биле склучени 15.736 брака, а во 2025 година 10.507. Разводите, пак, пораснале од 612 на 2.185.
Но, Македонија во истите 35 години направи голем економски и технолошки исчекор.
Просечната нето-плата од неколку илјади денари во 90-тите денес е над 48 илјади денари. Номинално платите се зголемија повеќекратно, иако реалниот раст на животниот стандард е многу поскромен поради инфлацијата и повисоките трошоци.
И економијата е значително поголема. БДП, според податоците на Светската банка, од околу 4,7 милијарди долари во 1990 година достигнал околу 19,1 милијарда долари во 2025 година. Сепак, Македонија и понатаму е далеку под европскиот просек по економскиот производ по жител.
Се промени и начинот на живот. Во 2000 година, само мал дел од домаќинствата имале компјутер со Интернет. Денес, повеќе од 90 проценти од домаќинствата имаат Интернет дома, а мобилниот телефон стана незаменлив дел од секојдневието.
На патиштата денес има речиси трипати повеќе автомобили на жител отколку во 1991 година. Од 122 автомобили на илјада жители, бројот достигнал 338 во 2025 година. Автопатската мрежа истовремено пораснала од околу 120 на 347 километри, според публикацијата на Статистика.
И образованието доживеа експанзија. Од околу 27 илјади студенти во академската 1991/1992 година, денес бројот е над 55 илјади. Бројот на факултетите се зголемил од 26 на 128.
Но, и тука се појавува истиот парадокс: имаме повеќе можности за образование, но сè помалку млади луѓе.
Во туризмот, пак, бројките се рекордни. Во 1991 година Македонија регистрирала околу 710 илјади туристи. Во 2025 година, бројот надминал 1,3 милиони, при што странските гости сочинувале речиси 69 проценти.
Авиосообраќајот, исто така, стана масовен. Скопскиот аеродром во 2019 година првпат надминал два милиони патници, а денес земјата е поврзана со десетици европски дестинации.
Сепак, сите овие бројки не може да го скријат главниот тренд. Македонија има повеќе автомобили, но помалку жители. Повеќе туристи, но помалку ученици. Повеќе дипломирани, но и силен иселенички бран. Поголем БДП, но и повисоки трошоци за живот.
Демографијата затоа станува не само статистичко туку и економско прашање. Помалку деца денес значи помалку работоспособно население утре, поголем притисок врз пензискиот систем и недостиг од работна сила. По 35 години независност, најголемото прашање за иднината, можеби, веќе не е колку ќе биде богата или технолошки развиена Македонија, туку колку луѓе ќе живеат во неа. Зашто без млади луѓе, ниту економскиот раст, ниту модерната технологија, ниту новите патишта и туристите не може сами да ја обезбедат иднината на државата. (В. С. Н.)












