Со инвестиција од 2,7 милиони евра, охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби целосно модернизиран патнички терминал, со проширени простори, нова опрема и со подобрени услови за патниците. Реконструкцијата се реализираше без прекин на работата на аеродромот, во период кога воздушниот сообраќај бележи значителен раст и нови рекорди. Реконструирани се патничкиот терминал и помошните простории, зголемен е бројот на шалтери, проширен е чек-ин просторот, а подобрени се и зоните за безбедносна контрола и рачен багаж. Реорганизиран е и паркингот, а поставена е современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски, на пуштањето во употреба на модернизираниот дел од аеродромот, оцени дека реконструкцијата претставува значаен чекор напред во квалитетот на услугите и развојот на воздушниот сообраќај.
– Со ова, Охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло и поинаков квалитет и убеден сум дека во периодот што следува, бројот на патници, но и бројот на компании што ги користат услугите на Охридскиот аеродром ќе се зголемува – рече Мицкоски.
Тој посочи дека годинава аеродромот бележи рекордни резултати. Во еден ден биле регистрирани повеќе од 3.000 патници, што е најголем број во историјата на аеродромот, а во одредени денови имало и повеќе од 20 полетувања.
Мицкоски изрази очекување дополнително да расте овој број.
– Убеден сум дека во периодот што претстои, со сите градежни активности и со поддршката што ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки што претставуваат наш нов „таргет“ – изјави премиерот.

Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со реконструкцијата практично се отвора нов аеродром, по повеќе децении без поголеми интервенции.
– По напорна работа, успеваме да отвориме практично нов аеродром, односно терминална зграда заедно со помошни простории, кои многу значат, многу подобро искуство за патниците споредено со претходно – рече Николоски.
Тој потсети дека последните големи интервенции на аеродромот биле направени околу 1970 година. Во меѓувреме, бројот на патници значително се зголемил, па модернизацијата, според него, доаѓа во период кога е инфраструктурата под сè поголем притисок.
Само од јануари до јуни годинава, Охридскиот аеродром опслужил повеќе од 240.000 патници. Николоски очекува двата македонски аеродроми годинава заедно да се приближат до четири милиони патници.
– Нешто што беше незамисливо за нашите аеродроми и ќе продолжиме да растеме – порача Николоски.
Развојот на воздушниот сообраќај, според него, треба да биде проследен и со подобра патна инфраструктура. Во тој контекст, го посочи автопатот Охрид – Кичево, при што нагласи дека делот до аеродромот веќе е завршен и се очекува да продолжи целосното поврзување во наредниот период.

Инвестицијата во модернизацијата на аеродромот ја реализираше ТАВ Македонија. Извршниот директор, Серкан Каптан, посочи дека компанијата досега има инвестирано речиси 300 милиони евра во македонските аеродроми.
– Инвестиравме 2,7 милиони евра во унапредување на инфраструктурата и во подобрување на искуството на патниците, партнерите и на вработените – рече Каптан.
Тој истакна дека во последните години значително е зголемена поврзаноста на македонските аеродроми и годишниот сообраќај, а во 2026 година македонските аеродроми бележат раст од речиси 30 отсто во споредба со претходната година. Охридскиот аеродром, пак, го забележал најуспешниот јули во својата историја, со рекорден број патници и реализирани летови.

Покрај функционалното подобрување, обновениот аеродром доби и препознатлив културен печат. Во просториите се поставени реплики на мозаиците пронајдени на Плаошник и во стариот дел на Охрид, како и реплика на фреска од црквата „Света Софија“.
– Овој аеродром, покрај аеродром, е и еден мал музеј што го претставува регионот и се надевам дека сите што ќе патуваат оттука ќе уживаат – рече Николоски.
Со модернизираниот терминал, растот на бројот на патници и на новите авиолинии, очекувањата се Охридскиот аеродром да продолжи да биде важна точка за туристичкиот развој на Охрид, Струга и на целиот регион. Инвестициите во аеродромската и во патната инфраструктура треба да овозможат полесна достапност до туристичките дестинации и дополнително да го зголемат економскиот потенцијал на регионот.












