Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро го осуди нападот со беспилотно летало врз автобус што превезувал деца во руската област Брјанск, оценувајќи го како „терористички чин“.
Според руските власти, автобусот превезувал детски фудбалски тим од Белорусија кој патувал на одмор во Краснодарскиот регион. Во возилото имало 44 патници, од кои 28 биле деца.
Во нападот загинала жена која го придружувала тимот, додека седум лица се повредени, меѓу кои и пет деца. Поради инцидентот, Истражниот комитет на Русија отвори кривична постапка за терористички акт.
Захарова изјави дека Москва е во постојан контакт со белоруските власти и е подготвена да ја обезбеди сета потребна помош. Таа ги повика меѓународните организации и странските влади јавно да го осудат нападот.
- Русија најостро го осудува ова злосторство и смета дека намерното загрозување на деца претставува особено тежок чин, изјави Захарова.
Руските власти тврдат дека нападот бил извршен од украински сили, додека истрагата за околностите на настанот е во тек. Засега нема официјална реакција од украинска страна во врска со овие обвинувања.











