Трагедија ја потресе Грција откако 21-годишна девојка почина на островот Евија по убод од оса. Иако кај повеќето луѓе ваквиот убод предизвикува само болка, црвенило и оток, кај лицата алергични на отровот може да дојде до анафилактичен шок – состојба која може да биде смртоносна ако не се реагира навреме.

Лекарите предупредуваат дека првите минути по убодот се клучни. Доколку симптомите не останат ограничени само на местото на убодот, туку почнат да се шират низ телото, потребна е итна медицинска помош.

Најопасните симптоми се отежнато дишење, чувство на задушување, отекување на усните, јазикот или грлото, засипнатост, осип по телото, вртоглавица, губење на свест, забрзан пулс, гадење и повраќање.

Овие реакции можат да се појават само неколку минути по убодот и брзо да се влошат. Затоа, доколку лицето знае дека е алергично, неопходно е веднаш да се повика Итна медицинска помош и да се употреби авто-инјектор со адреналин доколку го поседува.

Експертите советуваат лицето со потешкотии при дишењето да не се принудува да лежи. Најдобро е да седи во положба која му овозможува полесно дишење. Ако дојде до губење на свеста, треба да се постави на грб со благо подигнати нозе, освен ако тоа дополнително не го отежнува дишењето.

Во случај на престанок на дишењето или срцевата работа, неопходно е веднаш да се започне со реанимација до пристигнувањето на медицинските екипи.

Лекарите потсетуваат дека иако повеќето убоди од оси не се опасни, кај алергичните лица секој убод може да претставува сериозна закана по животот, поради што брзата реакција може да направи разлика меѓу живот и смрт.

ИЗДВОЕНИ