
Поранешниот англиски репрезентативец и апсолутна икона на англискиот фудбал, Вејн Руни, имаше многу проблеми со алкохолот, но денес нема проблем да зборува за тоа. Брилијантниот поранешен напаѓач на Манчестер јунајтед, разговарајќи со својот поранешен соиграч Рио Фердинанд, даде шокантно признание. Тој отворено призна дека имал сериозни проблеми со алкохолот во текот на кариерата. Сепак, неговата сопруга го извлекла од најлошата од најлошите ситуации.
Легендата постигна дури 253 гола за Јунајтед и е апсолутен рекордер. Тој беше капитен на англиската репрезентација и важеше за еден од најдобрите во светот во своето време. Успеваше да прави големи работи на теренот, иако проблемите со алкохолот го следеа цело време.
Тој постојано беше дел од насловите во англиските весници, без разлика дали за апсење поради возење под дејство на алкохол или за поминување време во казино или во паб. Години подоцна, тој призна дека алкохолот речиси му го уништил животот. Зборуваше за својот живот како фудбалер во интервју со Рио Фердинанд, поранешен дефанзивец на Манчестер јунајтед и сегашен водител на свој поткаст.
– Никогаш не бев алкохоличар. Претпочитав да пијам многу. Ако имав два слободни дена, буквално пиев тие два дена, а потоа се освежував – капки за очи, мастики, вода за уста за да одам на тренинг. Ќе постигнев два гола во текот на викендот, а потоа ќе се вратев дома и повторно ќе пиев два дена по ред – призна Руни.
Во еден момент тој ја сфатил големината на проблемот.
– Сакав да излезам, да уживам со моите пријатели и да имам вечерно излегување. Стигна до точка каде што отидов предалеку. Тоа беше период во мојот живот кога имав огромен проблем со алкохолот. Не мислев дека можам да разговарам со некој за тоа. Всушност, не сакав затоа што не сакав никого да оптоварувам – рече тој.
Тврди дека го спасила неговата сопруга, Колин.
– Искрено верувам дека ако не беше таа, ќе бев мртов. Таа ми помогна да го контролирам тоа. Ме менаџираше затоа што ми требаше менаџирање – објасни Руни.
Таа се омажи за него во 2008 година и остана покрај него дури и во најтешките времиња иако тој ја изневери во минатото, за што јавно се извини.
– Направив грешки во минатото, кои се добро документирани и така натаму, но понекогаш сум малку поинаков. Таа ме држи на вистинскиот пат и го прави тоа повеќе од 20 години – откри Руни.
Руни е роден на 24 октомври 1985 година, во Ливерпул и интересно е како ја започна својата кариера во Евертон. На само 16 години, тој го имаше своето деби во Премиер лигата, а поголемиот дел од кариерата го помина на „Олд Трафорд“, каде што освои бројни трофеи од 2004 до 2017 година. Со „црвените ѓаволи“ освои пет титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите во 2008 година, ФА-купот, како и неколку лига-купа. Тој стана и најдобар стрелец во историјата на Манчестер јунајтед, надминувајќи го сер Боби Чарлтон. Играше повеќе од 100 пати за репрезентацијата на Англија и беше долгогодишен капитен. Тој стана и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата, рекорд што подоцна го сруши Хари Кејн. Кон крајот на својата кариера, играше за Евертон (во неговиот кам-бек), потоа во американската МЛС-лига за Ди-си Јунајтед и за Дерби каунти, каде што ја презеде и улогата на тренер.
Денес Руни работи стручен коментатор и е запаметен како еден од најдобрите напаѓачи во Англија, но и како љубител на алкохолот, кој речиси скапо го чинеше.











