петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Рокас: Земјава припаѓа во европското семејство, очекувам контруктивност од соседите и ЕУ

Рокас: Земјава припаѓа во европското семејство, очекувам контруктивност од соседите и ЕУ

17

Европската Унија останува силно посветена на отворањето на пристапните преговори со Македонија, но договорените уставни измени од 2022 година треба да бидат реализирани, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас. Повикувајќи се на неодамнешната порака на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Рокас нагласи дека обврските преземени во 2022 година мора да бидат исполнети за да продолжи евроинтегративниот процес.

– Постои силна определба Северна Македонија да го започне процесот на преговори и нема никакво сомневање дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме активно на исполнување на неопходните услови за да продолжиме напред – изјави Рокас.

Тој додаде дека во овој период е особено важно да се гради доверба и изрази надеж дека соседните земји и Европската Унија ќе покажат конструктивен пристап во наредните месеци.

Изјавата ја даде за време на 23. Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција (КОСАП), одговарајќи на новинарско прашање дали постои алтернативно решение за земјава во контекст на бугарското вето и уставните измени.

Осврнувајќи се на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Рокас оцени дека главната порака е заедништвото и регионалната соработка. Тој посочи и на заедничката иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц за поедноставување и забрзување на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Според Рокас, учесниците на конференцијата презентирале конкретни идеи за унапредување на регионалната соработка, развој на заедничкиот регионален пазар и подобра подготовка на земјите кандидати за интеграција во конкурентниот единствен европски пазар.

ИЗДВОЕНИ