четврток, септември 10, 2026
Дома КУЛТУРА Родољуб Анастасов и „Бруталист“ пред публиката во Белград

Родољуб Анастасов и „Бруталист“ пред публиката во Белград

5

Најпрво на 8 септември, со изложбата „Визии – Глава полна со луѓе“ на големиот македонски уметник Родољуб Анастасов, во Културно-информативниот центар во Белград беше одбележана 35-годишнината од независноста на нашата држава.

На овој свечен настан, на кој пригодни обраќања имаа македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров, и кустосот советник Јасминка Намичева, присуствуваа бројни претставници на македонската заедница во Белград, претставници на дипломатскиот кор, но и поранешни студенти на проф. Анастасов, кои специјално по овој повод допатуваа од Скопје, но и од Англија.

Изложбата ќе биде поставена во нашиот КИЦ во Белград до 30 септември.

Една вечер потоа, на 9 септември, во познатата белградска културна институција „Галерија 73“, пред бројна публика, беше отворена изложбата „Бруталист“ на проф. Благојче Наумоски-Бане и на Петар Новковски.

Оваа интригантна и исклучително интересна ликовна концепција преку која комуницираат проф. Наумоски и неговиот студент Новковски, предизвика особен интерес меѓу ликовните уметници од Белград, како и меѓу најмладата публика од средните уметнички училишта.

Изложбата „Бруталист“, која заеднички ја отворија директорката на „Галерија 73“, Мирела Пудар, и директорот на нашиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров, ќе биде поставена до 15 септември.

Двете изложби, поддржани од Министерството за култура и туризам, го обележаа почетокот на новата културна сезона во Белград.

ИЗДВОЕНИ