четврток, септември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ангелов: Сите огнени стихии се под контрола

Ангелов: Сите огнени стихии се под контрола

7

Сезоната на пожари на отворен простор сè уште не е завршена. Вчера биле регистрирани над 30 пожари.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека најавените врнежи во западниот дел на Македонија биле со помал интензитет и зафатиле само неколку подрачја. Дождот, сепак, помогнал при гасењето на пожарот над Вруток.

Во моментов, според Ангелов, нема алармантни пожари, а сите активни пожари се под контрола.

– Сè уште има активен дел од пожарот кај Рамно, каде што дејствуваат три „ер трактори“, со очекување тој целосно да биде изгаснат – истакна Ангелов.

Според него, пожарот во реонот на Белица, во правец кон ловиштето „Јасен“, исто така е под контрола и не претставува опасност за ловиштето.

– На терен се ангажирани вработени во ловиштето, со поддршка на огнени тимови и на припадници на ДЗС. Пожарот се одвива ниско по земјата и не зафаќа борови дрвја – информираше Ангелов.

Тој додаде дека е ставен под контрола и пожарот што горел повеќе денови во реонот на селата Селци и Локов, на границата меѓу општините Струга и Дебар. Останала уште една кратка активна линија, а гаснењето било отежнато поради големото количество натрупана сува вегетација, суви гранки и исечени дрвја што останале на земја.

Ангелов посочи дека на овој пожар дејствувале и „ер трактори“ и хеликоптер, но поради условите, гаснењето било особено тешко. Преостанатиот активен дел, како што рече, не претставува опасност за населените места, ниту за квалитетната шума.

Според најавите од УХМР, в сабота и в недела се очекуваат позначителни врнежи. Ангелов вели дека се очекуваат со надеж дека ќе ѝ стави крај на долгата сезона на пожари на отворен простор.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека денеска до 13:00 часот биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, пет се под контрола, а четири се изгаснати.

Активни се пожарите во:селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, Општина Струга, каде што е зафатена високостеблеста шума; во селото Белица, место викано Кајорец, Општина Македонски Брод, каде што е зафатена нискостеблеста и мешана шума; во селото Брест, место викано Рамно, Општина Чучер-Сандево, каде што гори мешана шума, а активен е и пожарот во селото Осиче, Општина Крива, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се пожарите во: селото Бенче, Општина Македонски Брод, каде што гори шума; во селото Тајмиште, место викано Дарда, Општина Кичево, каде што е зафатена ниска вегетација; во селото Кнежино, место викано Црн Камен, Општина Кичево, каде што горат ниска вегетација и пенушки; во селото Грачани, Општина Ѓорче Петров, каде што е зафатена шума, и пожарот на градската депонија во Општина Делчево, каде што гори ѓубре.

Воедно, изгаснати се пожарите во: селото Враништа, Општина Струга; во селото Радолишта, исто така во Општина Струга; во населбата Перо Чичо, Општина Куманово, и пожарот кај Железниот мост во Општина Карпош.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ