Лице со македонско потекло, родено и израснато во Германија, ќе биде депортирано во Македонија откако Управниот суд во Аугсбург ја потврди одлуката на службата за странци, објавува Дојче Веле. Судот оценил дека, и покрај тоа што целиот живот го поминал во Германија, неговата земја на потекло е Северна Македонија.
Осудениот издржува затворска казна од шест години и девет месеци поради учество во организирана криминална група која во 2019 година измамувала постари лица преку т.н. „шок-повици“.
Членови на групата телефонски им се претставувале на жртвите како полициски службеници и со измислени приказни ги убедувале исплашените пензионери да им предадат пари и вредни предмети на курири. За само неколку недели, на овој начин биле измамени 12 постари лица, а штетата достигнала речиси еден милион евра.
Осудениот имал улога на курир – ги преземал парите и вредностите од жртвите, а потоа ги пренесувал во странство. За секоја успешно извршена измама добивал по 1.500 евра.
По изречената затворска казна, германската служба за странци донела решение за негова депортација. Управниот суд во Аугсбург ја потврдил оваа одлука, оценувајќи дека тежината на кривичните дела, високата материјална штета, злоупотребата на стравот кај постарите лица и нарушувањето на довербата во полицијата ја оправдуваат мерката.
Судот дополнително наведе дека депортацијата има и превентивна цел, односно треба да делува одвраќачки врз потенцијални сторители на слични кривични дела.
Пресудата сè уште не е правосилна, а осудениот има право да поднесе барање за дозвола за жалба до Баварскиот Виш управен суд во Минхен. (П.А.)












