
Шпанскиот гигант Реал (М) веќе има покажано и докажано дека е најопасен кога е предвреме отпишан, а таквата констатација ќе се обиде да ја потврди и вечерва, за време на реванш 1/4 финалниот дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
„Кралскиот клуб“ со негатива од еден гол ќе ја стартува втората пресметка против германскиот гигант Баерн (М), кој освен таа предност, на својата страна ќе ја има и предноста на домашниот терен.
Нема дилема дека баварскиот клуб беше подобар противник на „Сантијаго Бернабеу“, но конечниот резултат можеше да биде и сосема поинаков ако на голот не беше феноменалниот Мануел Нојер.
Тешко е за верување дека домаќинот ќе го промени својот офанзивен стил на игра, а најверните навивачи на Реал (М) очекуваат тоа што Килијан Мбапе го утна на првиот натпревар, вечерва да го претвори во погодок.
– Искрено, очекувам голем борба. Убеден сум дека ќе дојдеме во Минхен со мисла дека ќе победиме. Така размислуваат сите во нашиот табор. Убеден сум дека во среда ќе биде наша ноќ, дека ќе бидеме подобри од Баерн (М). Ќе дадеме 200 % од нашата енергија. Моите фудбалери веруваат дека можат да ја анулираат негативата и за мене тоа е најважно, изјави пред натпреварот предводникот на Реал (М), Алваро Арбелоа.
Далеку помало внимание ќе привлече реванш 1/4 финалниот дуел помеѓу лондонскиот премиерлигаш Арсенал и португалскиот претставник, Спортинг од Лисабон. Првата пресметка заврши со минимален триумф на „топчиите“, кои и покрај неочекуваниот пораз на последниот првенствен дуел, важат за големи фаворити и сè освен пласман во полуфиналната рунда ќе биде дефинирано како голема сензација.











