Тото Волф застана во одбрана на Џорџ Расел по острите критики од Хелмут Марко, кој сериозно ги доведе во прашање шансите на британскиот возач некогаш да ја освои светската титула во Формула 1. Шефот на Мерцедес смета дека Расел и понатаму ги поседува сите потребни квалитети за да стане шампион, но дека моменталниот болид не му одговара доволно за да ги покаже своите вистински способности.

Во Мерцедес сè повеќе се зборува за внатрешната битка меѓу поискусниот Расел и младиот Кими Антонели, кој со своите настапи ја промени хиерархијата во тимот. Италијанецот бележи извонредни резултати и создаде значителна предност пред својот тимски колега, што дополнително ги разгоре шпекулациите за тоа кој е вистинскиот лидер на германскиот тим.

Поранешниот советник на Ред Бул, Хелмут Марко, нема дилеми дека Антонели веќе ја презел водечката позиција. Австриецот отиде и чекор понатаму, изразувајќи сомнеж дека Расел во иднина ќе добие вистинска можност да се бори за шампионската круна.

  • Расел веќе не е возач број еден. Антонели јасно му ја презеде таа позиција. Се сомневам дека некогаш повторно ќе добие шанса да се бори за титулата, изјави Марко за „Скај Дојчланд“.

Но, Волф не се согласува со ваквата процена и смета дека е прерано да се отпише британскиот возач. Според него, резултатите не ја откриваат целосната слика, бидејќи карактеристиките на болидот имаат големо влијание врз настапите на секој возач.

  • Џорџ ги поседува сите потребни вештини. Мислам дека болидот, едноставно, не му одговара, порача Волф, кој не ја крие увереноста дека Расел може повторно да се врати во борбата за највисоките позиции.

Разликата меѓу двајцата возачи дополнително се зголеми по Големата награда на САД. Антонели стигна до победата, додека Расел, кој доби казна од пет секунди, заврши на осмото место. Младиот Италијанец продолжи да ја гради својата предност, оставајќи го тимскиот колега под сè поголем притисок.

Сепак, Волф смета дека психолошкиот аспект има значајна улога. Расел ја започнал сезоната со големи очекувања, верувајќи дека може да се бори за титулата, но на спротивната страна од гаражата се соочил со исклучително талентиран млад возач кој постојано ги поместува границите.

  • На почетокот на сезоната може да биде тешко да се справите со ситуација во која чувствувате дека ова би можела да биде вашата година, а од другата страна на гаражата имате исклучително талентиран возач кој почнува да врши сериозен притисок врз вас, објасни шефот на Мерцедес.

Волф, сепак, испрати јасна порака дека не планира да се откаже од Расел. Напротив, верува дека со конкурентен болид Британецот може да се врати на самиот врв и да се вмеша во битката за светската круна.

  • Верувам дека ако му обезбедиме брз болид следната сезона на Џорџ, тој апсолутно ќе има сè што е потребно за да го освои шампионатот, категоричен беше Волф.

Тој потсети и на успесите на Расел во помладите категории, каде што докажал дека поседува шампионски потенцијал. Според Волф, неколку послаби резултати во споредба со Антонели не можат да ги избришат годините во кои Британецот доминирал и ја покажувал својата класа.

Додека Антонели се наметнува како едно од најголемите имиња на новата генерација, Расел се наоѓа пред важен предизвик. Следната сезона би можела да покаже дали Британецот навистина има потенцијал за титула или младиот Италијанец трајно ќе ја преземе лидерската улога во Мерцедес. Волф, во меѓувреме, нема намера да го отпише својот возач.

ИЗДВОЕНИ