четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Нови детали за кобниот судир на возови во Шпанија: Сослушан е вработен...

Нови детали за кобниот судир на возови во Шпанија: Сослушан е вработен во контролниот центар кој го регулирал сообраќајот во моментот на несреќата

48
Фото: screenshot X

Припадници на Граѓанската гарда денес сослушаа вработен во контролниот центар на шпанската железничка компанија „Адиф“ (Adif). Вработениот бил задолжен за регулирање на сообраќајот на линијата за брзи возови помеѓу Мадрид и Севиља во моментот на несреќата кај Урда, во која, според извештаите на шпанските медиуми, животот го загубија најмалку 68 лица.

Како што пренесува RTVE, сослушувањето е дел од истрагата што ја води Комисијата за истражување на железнички несреќи (CIAF), при што припадници на Граѓанската гарда им помагаат на експертите од комисијата во утврдувањето на причините за несреќата.

Емилио Мануел Фернандез Гарсија, главен обвинител на регионот Кастиља-Ла Манча, заедно со дежурниот обвинител од Оргаз, пристигнаа на местото на настанот и учествуваат во работата на судската комисија која го координира постапувањето.

Дежурниот обвинител побара спроведување на неколку истражни дејствија – кои потоа беа одобрени од судијата што го води случајот – со цел да се утврди причината за несреќата.

Министерот за транспорт и одржлива мобилност, Оскар Пуенте, ја окарактеризира одлуката на контролниот центар на „Адиф“ на станицата „Аточа“ да дозволи движење на воз од типот „АВЕ“ (AVE) како „необјаснива“, истакнувајќи дека системот покажал црвено предупредување, што значело дека на пругата пред него веќе се наоѓал воз од операторот „Ирио“ (Iryo).

„Не разговаравме со него, со оглед на сериозноста на настанот и потенцијалната одговорност што може да произлезе од него“, рече тој.

Опозициската партија „Вокс“ (Vox) поднесе кривична пријава против одговорните лица во „Адиф“, товарејќи ги за кривично дело „небрежност со смртни последици“ и други дела поврзани со несовесно постапување. Во пријавата конкретно се посочуваат вработен во контролниот центар и неговите претпоставени, кои одобриле продолжување на железничкиот сообраќај по дефект на системот „ЛЗБ“ (LZB) – механизам што се користи за автоматска контрола и заштита на железничкиот сообраќај. „Вокс“ исто така побара преземање мерки за обезбедување на доказите, со цел да се спречи нивно уништување, оштетување или манипулација, како и да се осигури дека тие ќе останат достапни за користење во истрагата.

Организацијата „„Чисти раце“ (Manos Limpias“) поднесе посебна пријава до судот во Оргаз против „Адиф“, како и против компаниите „Iryo“ и „Renfe“. Пријавата се однесува и на раководни лица и поединци задолжени за надзор, одржување и управување со возовите и железничката инфраструктура, доколку во текот на истрагата се утврди нивна одговорност.

Во пријавата се наведува дека случајот може да вклучува кривични дела против безбедноста во сообраќајот, како и груба небрежност што резултирала со штета по здравјето и животот на луѓето. Организацијата побара од CIAF (Комисијата за истрага на железнички несреќи) да достави до судот целосна копија од прелиминарниот или конечниот извештај за причините за несреќата.

Исто така, побарано е „Adif“, „Renfe“ и „Iryo“ да достават документација во врска со одржувањето, техничките прегледи и инцидентите поврзани со предметниот воз во текот на изминатите пет години.

Понатаму, побарано е судски вештак и полицијата да извршат разговор со индустрискиот инженер Хуан Франко во врска со претходно утврдени проблеми во системот за одржување. Дополнително, организацијата побара од судот да ангажира независен експерт кој ќе спроведе техничка анализа на оштетените возови и железничката инфраструктура.

Според последните информации, најмалку 68 лица загинаа, а десетици се повредени по судир на два брзи воза во централна Шпанија, во близина на градот Урда, во провинцијата Толедо.

Поради силината на ударот, неколку вагони се превртеа и се стркалаа по насип во Урда, каде што во моментов се одвиваат спасувачки операции. Ова претставува една од најтешките несреќи некогаш забележани на шпанската железничка мрежа.

Според првичните информации, несреќата била предизвикана од човечка грешка, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ