вторник, август 4, 2026
Дома БАЛКАН Европските реки пресушуваат, а метеоролозите велат дека најтешкото допрва доаѓа

Европските реки пресушуваат, а метеоролозите велат дека најтешкото допрва доаѓа

Половина Европа се наоѓа во критична состојба на суша, а нивото на водата на клучните речни патишта, кои се крвоток на економијата, пред сè Дунав, Рајна и По, падна на историски ниско ниво. Во Романија, со контролирани експлозии се насочува водата кон нуклеарката, а поради сушата жетвата почна предвреме, во Словачка во испразнетото корито на Дунав се заробени многу товарни бродови, а во реката По во Италија навлезе солена вода, со што е загрозен  екосистемот и е оневозможено наводнувањето на посевите. Фабриките престануваат да работат, производството на струја се сведува на минимум, а речниот транспорт поскапува

243
EPA/Csaba Krizsan HUNGARY OUT
Екстремно силните топлотни бранови создадоа нови рекорди кај минималниот водостој

Долготрајните и екстремно силни топлотни бранови, придружени со недостиг на врнежи и намалено топење на алпскиот снег, го доведоа европскиот континент до една од најтешките хидролошки кризи во поновата историја. Половина Европа е во критична состојба на суша, а нивото на водата на клучните речни патишта, кои се крвоток на економијата, пред сè Дунав, Рајна и По, падна на историски ниски нивоа, пишува Би-би-си.

Најтешката ситуација со снабдувањето со енергија и ниското ниво на водата на Дунав моментално е во Централна и Југоисточна Европа. Во Романија, војската изврши контролирани експлозии за да ја пренасочи водата кон нуклеарната централа „Чернавода“ и за да одржи барем еден реактор во функција, додека автомобилските гиганти „Форд“ и „Дачија“ го запреа производството две недели за да заштедат електрична енергија. Во Унгарија, нуклеарната централа „Пакш“ работи со минимален капацитет, Владата го забрани вечерниот железнички товарен сообраќај, а сушата ги принуди земјоделците да имаат вонредна, порана жетва. Кризата влијае и на остатокот од регионот. Црвен аларм е во сила во Австрија поради температури над 40 Целзиусови степени и рекорден број смртни случаи од топлина. Во Словачка, во близина на Братислава, е измерен најнискиот проток на Дунав од 1876 година, поради што многу товарни бродови се заробени, додека во Чешка, половина од мерните станици пријавуваат екстремна суша. Низводно, во Србија, хидроелектраните и термоцентралите значително го намалија производството поради недостиг на вода за ладење, а речниот транспорт се врши со минимални товари. Долготрајниот топлотен бран и отсуството на значителни врнежи го намалија нивото на водата на Драва, Дунав и на другите водотеци и во источна Хрватска на рекордно ниски нивоа, а не се очекуваат значителни промени во нивото на водата и во следните пет до седум дена. За краток временски период, Драва дури трипати го достигна новото минимално регистрирано ниво на вода, објави „Хрватске воде“.

Западно од Дунав, реката Рајна бележи рекордно ниски нивоа на вода во Германија и во Холандија, при што дури 44 проценти од мерните станици на Рајна бележат екстремно ниски нивоа. Товарните бродови пловат само делумно натоварени за да не се насукаат, што создава сериозни тесни грла во снабдувањето, драстично зголемување на трошоците за транспорт и недостиг на гориво од австриските и од словачките рафинерии.

Во северна Италија, реката По го достигна историскиот минимум. Покрај заканата за снабдување со вода за пиење, намалениот тек на реката дозволи солената морска вода да навлезе длабоко во коритото, што го уништува екосистемот и ги спречува земјоделците да ги наводнуваат своите посеви.

Според податоците од европските служби, климатските промени драстично го забрзуваат испарувањето на влагата поради екстремните температури. Со оглед на тоа што метеоролозите предвидуваат продолжување на топлотниот бран и температури над 40 степени, во поголемиот дел од Европа не се очекува олеснување во скоро време.

ИЗДВОЕНИ