Со оглед на намерата на Европската Унија целосно да престане да купува руски гас, Русија би можела да одлучи веднаш да излезе од европскиот пазар и да се преориентира кон попривлечни купувачи, изјави денес рускиот претседател Владимир Путин.
„Тие планираат да воведат ограничувања за купување руски гас, вклучително и течен природен гас, за еден месец, а потоа и дополнителни ограничувања една година подоцна, до целосна забрана. Сега ни се отвораат други пазари и можеби би било попрофитабилно за нас веднаш да престанеме да ја снабдуваме Европската Унија и да влеземе на пазарите што се отвораат и да се етаблираме таму“, рече Путин, пренесе Тасс.
Тој нагласи дека во ова нема политички мотив, туку само економски.
„Ако не затворат за еден или два месеца, не би ли било подобро сега да престанеме да ја снабдуваме ЕУ, да одиме во земји што се сигурни партнери и да ги зајакнеме нашите позиции таму“, рече Путин, но нагласи дека ова засега не е одлука.
„Ова е, како што велат, размислување на глас“, рече Путин, ветувајќи дека ќе ѝ даде на владата соодветни упатства во врска со ова.
Тој посочи дека Русија ќе продолжи да снабдува енергија со земјите-членки на ЕУ кои се сигурни партнери, вклучувајќи ги Словачка и Унгарија, под услов раководствата на тие земји во иднина да ја водат истата политика како што ја водат сега.
Во јануари, Советот на ЕУ усвои одлука со која се забрануваат испораките на руски гас во Унијата од 2027 година. Забраната ќе стапи на сила за течен природен гас на почетокот на годината, а за гасот преку цевководи на 30 септември.












