Во знак на револт поради барањето на одбраната за изземање на обвинителката Наташа Сарамандова, родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја напуштија судницата во КПУ „Идризово“, каде продолжи судењето за трагедијата во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Александар Наунов кој е родител на едно од загинатите деца, изјави дека наместо одговори за тоа кој знаел, кој контролирал и кој имал обврска да постапува, процесот сѐ почесто се претвора во низа приговори и процедурални расправи.
– Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар отколку на потрага по вистината – рече Наунов.
Сличен став изнесе и Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас, која оцени дека барањето за изземање на обвинителката го одолговлекува процесот и ја нарушува довербата на семејствата во постапката.
Во меѓувреме, во судницата продолжи доказната постапка со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството. Обвинителката Наташа Сарамандова презентираше документација обезбедена од Министерството за економија и труд, односно од Секторот за туризам и угостителство, за која посочи дека покажува како објектот започнал да функционира и покрај тоа што во континуитет не ги исполнувал минималните технички услови за работа.
Меѓу доказите беше и барање од 10 октомври 2012 година, поднесено од сопственикот Дејан Јованов за издавање лиценца за кабаре. Според Обвинителството, во барањето биле означени како исполнети речиси сите услови, освен обезбедувањето доволен број помошни излези за евакуација на 200 посетители. Обвинителката Сарамандова посочи дека барањето се однесувало на адресата на улицата „Димитар Влахов“ б.б., каде било седиштето на фирмата „Класик М“, а во тој период немало регистрирана подружница. Потоа беа презентирани и дописи од Општина Кочани, Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.
Особено внимание привлече допис од тогашниот градоначалник Ратко Димитревски до Министерството за економија од 19 октомври 2012 година, со кој се бара информација дали фирмата ги обезбедила потребните документи и дали ќе ѝ биде издадена лиценца. Според обвинителката, по тоа барање бил спроведен инспекциски надзор, по што на 29 октомври 2012 година бил составен записник за објектот на „Штипски пат“. Во записникот било констатирано дека угостителскиот објект не смее да врши дејност сѐ додека не ги исполни минимално-техничките услови, а документот бил потпишан од инспекторот Миле Ампов и од Дејан Јованов.
Во судницата беа презентирани и барања за утврдување потребен број паркинг-места, урбанистичка документација од Општина Кочани, како и решение на Министерството за економија со кое се одбива барањето за лиценца поради неисполнување на минималните технички услови. Обвинителката нагласи дека документацијата покажува оти институциите во тој период постапувале согласно прописите и донеле негативно решение.
Имено, првото барање на сопственикот Дејан Јованов за лиценца било одбиено во октомври 2012 година, бидејќи објектот не ги исполнувал потребните услови. Но, само еден месец подоцна бил отворен нов предмет, по што во декември истата година била издадена лиценца за работа. Обвинителството посочи дека во наредните години лиценците за објектот ги потпишувале повеќе министри за економија, кои денес се меѓу обвинетите во предметот.
– Битно е за јавноста да знае, а битно е и за сите во судницата да се види дека додека функционирал системот, сите што се потпишале на документите дале решение дека не ги исполнува условите и се одбива барањето – рече Сарамандова.
Токму оваа изјава предизвика бурна реакција кај одбраната, која побара пауза, а потоа до Судот адвокатите поднесоа барање за изземање на обвинителката поради, како што наведоа, „пристрасно постапување при презентација на доказите и исклучување на елементи кои се од суштинско значење“.
На почетокот на рочиштето, судијката Дијана Груевска-Илиевска изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов, еден од обвинетите во случајот, и соопшти дека по известување од МВР постапката против него се запира. Обвинетиот Шабан Салиу побара времено враќање на пасошот и дипломатскиот пасош, додека одбраната на Блашка Ефтимова побара укинување на забраната за напуштање на живеалиштето, образложувајќи дека живее сама со болен сопруг и мора да го придружува на лекување.
Судењето продолжува во фаза на изведување материјални докази, а за барањето за изземање на обвинителката Сарамандова треба да одлучува државниот јавен обвинител.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. (П.А.)












