Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола одржа едукативна средба со членовите на стручните служби од основните и од средните училишта, на која беше претставен и споделен Прирачникот за обука на стручните служби во училиштата за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаи на малолетничка деликвенција, кој произлезе од превентивните активности на тимот за превенција при ОСПДП, во состав: Жанета Ристевска – лиценциран психолог, Силвана Дејаноска – правник и Митко Бошевски – адвокат.
Од Општина Битола информираат дека Прирачникот претставува прв ваков документ во државата и е наменет како практична алатка за стручните служби во училиштата при справувањето со секаков вид девијантно однесување.
– Целта на едукацијата беше зајакнување на знаењата, капацитетите и на механизмите за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаите поврзани со малолетничка деликвенција и ризично однесување кај децата и младите – потенцираат општинските служби.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ги истакна работата на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво и превентивните активности што континуирано ги реализира.
– За значењето на Прирачникот и за активностите на Советот зборуваше претседавачот на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, Жанета Ристевска, а свое обраќање имаа и Силвана Дејаноска од Основниот суд Битола и заменик-претседавачот на Советот и претставник на Адвокатската комора, Митко Бошевски, кој го претстави Прирачникот – велат од локалната самоуправа.












