– Со решавањето на овој повеќедецениски правен предизвик, се создадоа услови за реализација на значајни инвестиции и за повторно ставање во функција на еден од најзначајните спортско-рекреативни капацитети во нашиот град. На новите концесионери им посакуваме успешна работа и реализација на планираните инвестиции, во интерес на сите граѓани на Крива Паланка. Заедно создаваме подобри услови за спорт, рекреација и поквалитетен живот – напиша градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на „Фејсбук“
Градскиот базен во Крива Паланка ќе биде даден под долгорочен закуп во времетраење од 30 години. Општина Крива Паланка и концесионерот, фирмата „Она илузион“ од Крива Паланка, го потпишаа договорот.
Концесионерот најави дека планира да инвестира во обнова и уредување на комплексот на базенот, кој е во незавидна состојба.
Тој ќе биде ставен во функција кога ќе биде уреден на ниво што му прилега на севкупниот урбан лик на градот.
Од локалната самоуправа информираат дека претходно Општина Крива Паланка успешно ја завршила постапката за евидентирање на објектот во Агенцијата за катастар на недвижности, со што, конечно, е надминат проблемот уште од неговата изградба во 1945 година, бидејќи никогаш не бил запишан во официјалната евиденција.
– Со решавањето на овој повеќедецениски правен предизвик, се создадоа услови за реализација на значајни инвестиции и за повторно ставање во функција на еден од најзначајните спортско-рекреативни капацитети во нашиот град. На новите концесионери им посакуваме успешна работа и реализација на планираните инвестиции, во интерес на сите граѓани на Крива Паланка. Заедно создаваме подобри услови за спорт, рекреација и поквалитетен живот – напиша градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на „Фејсбук“.
Инаку, концесионерите потенцираат дека поради нефункционалноста на базенот во изминатиот период, како и на целиот терен околу него, потребни се сеопфатно реновирање, уредување и адаптација пред неговото ставање во функција и негова достапност за сите жители на Крива Паланка, како и за посетителите и туристите во Општината.
Од „ОНА Илузион“ нагласија дека за да бидат завршени сите работи навреме и согласно со плановите, граѓаните ќе треба да се стрпат до следната летна сезона.












