Хорот при скопското основно училиште од Кисела Вода „Кузман Јосифовски-Питу“, под менторство на наставничката Вера Ангеловска, го освои првото место во хорска интерпретација на државниот натпревар што се одржа деновиве, во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Музичката екипа (52 ученици) врвно се претстави, за заслужен, највисок пласман на ниво на основните училишта во Македонија. На натпреварот, тие ги изведоа задолжителната композиција „На сред село тапан чука“ и композицијата по избор игра „Елелица препелица“ од Ристо Аврамовски. Нивната изведба беше оценета со највисока оценка од стручното жири.

Веќе на 18 мај, овој хор, со истите песни, ќе се натпреварува и на светско ниво, во Италија, каде што сите учесници треба да изведат нумери од својата држава. На меѓународниот натпревар во Лидо ди Јесоло во Италија ќе се претстават и 15 солисти, кои ќе изведат македонски народни песни.
– Секоја година, Здружението на музички педагози на Македонија организира општински, регионални и држави музички натпревари во повеќе категории. Годинава, нашиот хор учествуваше и го освои првото место во хорска категорија, со кое многу се гордеам. Исто така, на 14 мај ќе се одржи и државниот натпревар во категоријата вокални солисти, каде што, исто така, ќе учествуваме. Инаку, на регионалниот натпревар хорот, исто така, го освои првото место, а солистите – четири први и исто толку втори награди. Сите хорови пак, што имаа над 96 бода учествуваа на државниот натпревар во Кавадарци. Децата што се дел од хорската група се дружат, помагаат, социјализираат и осамостојуваат, а учат и многу други вештини. Учеството на натпреварите е само дел од активностите, бидејќи хорот соработува и со бројни институции и оркестри, а настапуваат и самостојно – вели Ангеловска.












