Во рамките на подготвителните активности за Светското првенство во спортски риболов на крап, вчера беше извршено порибување на Мавровското Езеро со 2.000 килограми крап, информираат од Националниот парк „Маврово“.
Воедно, оттаму ги известуваат сите спортски риболовци дека вчера стапи во сила забраната за лов на крап, која ќе важи во наредниот период, односно до завршувањето на Светското првенство.
Од управата на најголемиот национален парк велат дека ова претставува прва фаза од планираните активности за порибување, а во текот на наредниот период ќе се спроведат повеќе вакви активности со цел збогатување и унапредување на рибниот фонд во водите на Националниот парк „Маврово“.
– Порибувањето се реализира во соработка со Македонската риболовна федерација и во пресрет на Светското првенство во спортски риболов на крап, кое оваа година ќе се одржи на Мавровското Езеро. Во меѓувреме, НП „Маврово“ активно работи на афирмација и промоција на спортскиот риболов, развој на риболовниот туризам и создавање услови за организирање значајни меѓународни спортски настани – наведуваат од Националниот парк.
Во организација на локалната самоуправа, НП „Маврово“ и Македонската риболовна федерација, во септември 2026 година треба да се одржи Светското првенство во риболов на крап. По тој повод, во март беше потпишан меморандум за соработка.












