На делницата Гостивар – Букојчани, реализацијата веќе достигна 60 проценти, додека градежните работи на Коридорот 8 се одвиваат со засилено темпо. Владата тврди дека се надминуваат проблемите на трасата и дека по две изгубени години, машините сега работат на целата делница. Иако рокот за завршување е продолжен до 2029 година, најавите се дека западниот автопатски коридор би можел да биде готов и поранo

Интензивно се градат автопатските делници на Коридорот 8, а Владата уверува дека се прави сè за да се обезбеди непречена работа на терен и побрзо завршување на инфраструктурните проекти што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“. По увидот на трасите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, порачаа дека динамиката на изградбата е добра и дека клучните проблеми на трасата постепено се надминуваат.

Според податоците што беа презентирани на терен, на делницата Гостивар – Букојчани моментално се работи на 11 од вкупно предвидените 31 километар, а досегашната реализација достигнала околу 60 проценти. На делницата Тетово – Гостивар, пак, активнo се работи на приближно 14 километри од планираните 17,5 километри, со реализација од 8,4 проценти.

– Во однос на градежните активности на делницата Гостивар-Букојчани во моментов активно се работи на 11 километри од вкупно планираните 31 километар. Во функција се кампот за 1200 лица и базата за бетон. Мостот на седмиот километар е целосно прооден, а во тек се завршни работи на коловозот. Активно се работи и на два моста, еден натпатник и заштита на косини кај Гостивар и околните населени места. Генералниот напредок на оваа делница изнесува 59,98%. И на делницата Тетово-Гостивар непречено се работи на околу 14 од вкупно 17,5 километри, со активни инфраструктурни и земјени работи, дислокација на инсталации и изградба на паралелниот пат и дренажната инфраструктура. Констатирано е дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, без нарушување на сообраќајот во околните населени места. Дислокациите се обврска на „Бехтел и Енка“, интензивно работиме заедно за што побрзо решавање на тие дислокации и мислам дека во најбрз можен рок и таму ќе видите многу поинтензивна работа – рече во изјавата за медиумите директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Николоски истакна дека јавноста често има погрешна перцепција за патниот правец меѓу Тетово и Гостивар, оценувајќи дека постојниот пат не е автопат, туку експресен пат, а со новиот проект првпат ќе се добие вистинска автопатска делница.

– Нешто што беше незамисливо за многумина е дека ќе има автопат што ќе ја заобиколи Стража. Тоа е најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид, Струга и целиот Коридор 8. Денес може да се види дека интензивно се работи на мостови, косини и нa пробивање на трасата – изјави Николоски при увидот на градежните активности.

Тој нагласи дека Владата се обидува да обезбеди целосен „отворен фронт“ за работа на изведувачите, со цел да се забрза изградбата. Како еден од најголемите предизвици ги посочи бројните дислокации на телекомуникациски и електроенергетски водови, како и водоснабдителната инфраструктура во Полошкиот Регион. Дополнителен проблем, според него, претставува и доцнењето од претходниот владин состав. Николоски рече дека во ноември минатата година Владата добила официјално известување од надзорниот инженер со барање рокот за завршување на проектите да биде продолжен за најмалку две години.

– Мора да се компензираат двете изгубени години. Поради тоа ќе се оди со рок до декември 2029 година, иако тоа не значи дека проектите нема да бидат завршени и порано – рече вицепремиерот.

Тој додаде дека експропријацијата на земјиштето е речиси целосно завршена. За делницата Гостивар – Букојчани веќе е усвоен урбанистичкиот план за вториот дел од трасата, а за Прилеп – Битола е одобрен урбанистичкиот проект, по што се спроведува експропријацијата.

Во однос на автопатот Прилеп – Битола, Николоски најави дека очекува една коловозна лента да биде пуштена во употреба во првата половина на следната година. За автопатот Гостивар – Букојчани, пак, рече дека ќе мора да биде пуштен целосно и одеднаш, бидејќи во спротивност, нема соодветен излез на другата страна од трасата.

Од Владата нагласуваат дека инфраструктурните инвестиции имаат директно влијание и врз економијата. Николоски посочи дека порастот во градежниот сектор во третиот квартал од минатата година изнесувал 21 процент, додека во четвртиот квартал бил 16,7 проценти, со очекувања позитивниот тренд да продолжи и годинава.

На терен веќе се изградени камп за сместување и работа со капацитет од над 1.200 лица, база за подготовка на бетон и префабрикување бетонски елементи, како и мост на седмиот километар од трасата Гостивар – Букојчани, кој е прооден по двете коловозни ленти. Паралелно се работи и на уште два моста, натпатник, потпорни ѕидови, пропусти и заштита на косините по должина на трасата.

Според официјалните податоци, за автопатските делници што ги гради „Бехтел и Енка“, во периодот од март 2023 до јуни 2024 година биле реализирани 241,3 милиони евра, од кои 19,6 милиони евра за градежни активности. Во периодот од јули 2024 до мај 2026 година, пак, биле исплатени дополнителни 278,4 милиони евра исклучиво за градежни работи.

Досега, за реализација на проектот, завршена е експропријација на повеќе од 3.000 парцели. Од нив, 560 биле завршени до јуни 2024 година, а дополнителни 2.483 парцели до мај годинава.

По посетата на автопатските делници, владината делегација најави увид и во изградбата на галериите на автопатот Охрид – Кичево, рехабилитацијата на превојот Пресека, како и во клучката Требеништа, која неодамна беше пуштена во употреба.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ