Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид ги продолжува настапите во Европскиот Куп на ЕХФ. Алкалоид загуби на гостувањето кај Горење во Словенија (23:29), но поради триумфот во Скопје со девет гола разлика, патува во осминафиналето.
Избраниците на тренерот Кирил Лазаров, одиграа далеку поинаков дуел од оној во Автокоманда, посебно во второто полувреме кога му дозволија на ривалот да наметне свој ритам. На полувремето словенечкиот тим имаше 13:11, а во второто полувреме гол по гол, изгради разлика со која се закануваше дека може да го анулира минусот од првата средба.
Највисоко што Горење водеше пред својата публика во Велење беше шест гола разлика. Сепак, Митев и Костески во финишот постигнаа важни погодоци, со кои Алкалоид се доведе до ситуација да не мора да стравува за пласманот меѓу најдобрите шеснаесет.
Најдобар стрелец кај Алкалоид беше Нејц Цехте со шест гола, додека Никола Костески, Марко Митев и Дамјан Митев погодија по три пати. Кај Горење, Олексеј Јанковски постигна шест, а нашиот интернационалец Михаил Иваноски имаше пет гола.












