Македонската книжевност со национален штанд и со богата програма се претставува на 78. издание на најголемиот светски саем на книгата во Франкфурт, кој годинава се одржува од 7 до 11 октомври. Претставувањето на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) е насочено кон промоција на македонските автори и кон создавање нови можности за преводи и за меѓународна соработка.
Денеска, на македонскиот национален штанд, МАИ организира посебен промотивен настан посветен на современата македонска книжевност и на можностите за нејзина поголема меѓународна присутност. Пред меѓународната професионална публика се претставуваат македонските автори и актуелната книжевна продукција застапени во каталозите.
Посебен дел од настанот е посветен на можностите македонските дела да добијат свои изданија на други јазици. Пред странските издавачи се презентира актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување на домашните дела на странски јазици, како конкретен механизам за поддршка на нивниот превод и објавувањето во странство.
Инаку, во текот на саемските денови, претставниците на издавачките куќи членки на МАИ ќе ги претставуваат актуелната македонска книжевна продукција и авторите застапени во каталозите, а предвидени се и средби со странски издавачи, литературни агенти, преведувачи и со други професионалци од меѓународниот издавачки сектор.
На националниот штанд, македонското книжевно творештво годинава е претставено во три сегменти. Првиот им е посветен на новите современи македонски автори и наслови, со избор на дела што ги отсликуваат актуелното домашно книжевно творештво и неговиот потенцијал за меѓународна афирмација.
Вториот сегмент ги претставува македонските книги што веќе се преведени и објавени во странство – дела што покажуваат дека македонските приказни успешно го наоѓаат својот пат до читателите на други јазици.
Третиот сегмент ѝ е посветен на литературата за деца, преку посебен каталог со избор од најрепрезентативните македонски автори и илустратори за деца.
Со поврзувањето на авторите и на делата, заинтересираните странски издавачи и со достапната финансиска поддршка за превод, МАИ настојува националниот штанд да функционира не само како изложбен простор туку и како место за иницирање конкретни соработки, преводи и нови странски изданија.
Националниот штанд и годинава го продолжува препознатливиот визуелен и комуникациски концепт „Читај во 7/8“, кој го користи карактеристичниот македонски ритам како метафора за книжевност со сопствен ритам, глас и идентитет.
Саемот на книгата во Франкфурт ќе трае до 11 октомври, а во текот на саемските денови делегацијата на МАИ ќе продолжи со презентацијата на македонските автори и со професионални средби насочени кон воспоставување нови контакти, продажба на авторски права, преводи и меѓународно издавачко партнерство.
Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.












