Рускиот вицепремиер Александар Новак денеска изјави дека во земјата постои недостиг на гориво како последица на украинските напади врз рафинериите, но додаде дека овој недостиг се надоместува преку увоз.
Во изјава за државниот телевизиски канал „Росија 1“, Новак објасни дека Русија го компензира недостигот преку дополнителни набавки и со одложување на работите за одржување.
За да се зголеми понудата на домашниот пазар, Москва планира да го зголеми производството и да увезе повеќе гориво – како од соседните земји, така и од подалечни добавувачи – изјави високиот руски функционер.
Неговата изјава доаѓа по нова серија напади врз рускиот нафтен сектор.
Генералштабот на вооружените сили на Украина на социјалните мрежи објави дека во текот на ноќта меѓу 27 и 28 ноември биле погодени три локации.
Оттаму додадоа дека избувнал пожар во складиште на станицата „Самара“ – дел од мрежата на „Трансњефт“ – каде што мешавините од сурова нафта од типот „Уралс“ се подготвуваат за извоз.
Украинските власти соопштија дека извршиле напади и врз пумпната станица „Нулино“ во Башкортостан, како и врз рафинеријата „Новошахтинск“ во Ростовската област, каде што биле пријавени експлозии и пожар, пренесе „Бета“.











