Пиперката ајварка ќе се откупува по повисоки цени. За прва класа е договорена цена од 40 денари за килограм, прва и втора класа за преработувачките капацитети ќе се откупуваат по 30 денари, додека за шкартот е договорена цена од 15 денари. Договорот е постигнат на средба во Струмица меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, по протестите на земјоделците, кои бараа повисока откупна цена.
Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, по средбата изјави дека договорените цени се резултат на заеднички договор и апелираше до сите страни доследно да ги почитуваат договорените услови. Од преработувачите побара вистинска класификација на пиперката, а од откупувачите навремено и точно да ги информираат производителите за квалитетот и за цената.
Серафимовски апелираше и до земјоделците да го предаваат родот според утврдените класификации, со што, како што посочи, треба да ја добијат и соодветната цена за произведеното.
Министерот порача дека земјоделците заслужуваат трудот и вложувањата да им бидат соодветно вреднувани и наплатени по завршувањето на бербата и сезоната.
Проблемот со ниските откупни цени во Струмичко е актуелен со денови. Производителите на пиперка куртовска капија протестираа поради откупната цена од 25 денари за килограм за прва класа, посочувајќи дека со таквата цена едвај ги покриваат производните трошоци. Велат дека постојано растат трошоците за производство, додека заработката е сè помала.
Пред постигнувањето на договорот, од Месното здружение на млади Муртино, кое ги организираше протестите, најавуваа продолжување на протестите и на блокадите доколку не се понуди конкретно решение.
Но, според министерот, повисоката откупна цена не треба да биде само краткорочно решение. Тој најави дека од октомври ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни за системски промени во земјоделството – од начинот на класификација на производите, преку роковите за исплата, до прецизирање на обврските на откупувачите и на преработувачите.
Целта, како што посочува Серафимовски, е да не се повторуваат ваквите ситуации секоја година и земјоделците да имаат поголема сигурност во производството и пласманот на родот.
Во меѓувреме, незадоволството во земјоделството продолжува да расте и во други региони. Во Пелагонија, земјоделците бараат итна исплата на преостанатите субвенции за 2025 година. Тие предупредуваат дека трпението им е прикрај, а пред нив е новата есенска производна сезона, за која мора да обезбедат средства за гориво, семе, вештачки ѓубрива и за друг репроматеријал.
Земјоделците прашуваат зошто сè уште не се исплатени средствата доколку се планирани и обезбедени во буџетот, особено по усвојувањето на дополнетиот ребаланс за 2026 година.
Тие бараат до крајот на неделата да заврши исплатата на преостанатите субвенции, во спротивно, најавуваат блокада на граничниот премин Меџитлија. Ова не е прв протест на пелагониските земјоделци, пред околу месец и пол укажуваа на проблемите заедно со сточарите и со градинарите.
Од ресорното Министерство велат дека продолжуваат да го следат откупот и да комуницираат со производителите, откупувачите и со преработувачите.












