петок, септември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Прв Балкански спелеолошки камп во Прилеп

Прв Балкански спелеолошки камп во Прилеп

17

Прилеп, а и Македонија, првпат е домаќин на спелеолози од 15-тина земји кои ги истражуваат подземните убавини, пештери и пропасти кои природата ги создавала низ милениумите.

Вклучени се околу150 спелеолози од 15 земји кои до недела ќе истражуваат шест пештери и пропасти во Мариовскиот и во Прилепскиот Регион, односно кај Македонски Брод.

Станува збор за 18. Балкански спелеолошки камп стациониран во прилепското село Штавица, каде што снимаше режисерот Милчо Манчевски.

– Целта на кампот е истражување, придонесување во спелеолошката наука и развој на авантуристичкиот туризам. Кај нас пештерите се 40 проценти истражени и се надеваме дека со врвните спелеолози учесници на овој камп ќе се дојде до нови сознанија зашто има уште неоткриени канали во пештерите и пропастите – вели Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.

Посебна е честа и радоста на спелеолозите што за првпат Прилеп, а и Македонија, се домаќини на спелеолошкиот камп.

– Посебно задоволство e што сме тука. Ова ни е важно и значајно. Тука сме не само да истражуваме туку и да споделуваме знаења и искуства. Ќе придонесеме и за развој на туризмот во овој регион – изјави Ема Марчу, претседателка на Балканската спелеолошка унија.

Врвните спелеолози имаат очекувања за откривање на чудата на природата зашто пределот е многу податлив.

– Ова е прв ден, ги очекуваме доживувањата. Ова ми е првпат да бидам во Македонија. Четири години сум спелеолог. Во последните шест месеци ги посетивме сите балкански земји. Тоа е скриеното богатство на природата – рече Мигел Кабалеро, спелеолог од Шпанија.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, им посака добредојде на спелеолозите и порача дека ова е уште една можност за унапредување на туризмот во Прилепскиот Регион.

– Прилепскиот Регион, Мариово, а и околината имаат што да понудат кога се во прашање природата и нејзините креации. Се кријат уште многу тајни, кои се надевам, на ваков начин се откриваат и ги зголемуваат туристичките потенцијали на Регионот – истакна Проданоски.

На 18. Балкански спелеолошки камп ќе има работилници за истражување, скицирање на сè уште неоткриени пештерски канали и неповторливи светови на природата.

ИЗДВОЕНИ