Зелената агенда за Западен Балкан треба да премине од политички заложби и регионален дијалог кон конкретна имплементација, инвестиции и резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, од Третиот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан. Состанокот се одржува во Жабљак, во рамките на претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес за 2026 година.

Во обраќањето на главната сесија „Зелена агенда за Западен Балкан – од заложби кон реализација“, Хоџа ја потврди посветеноста на Македонија кон спроведувањето на Зелената агенда и процесот на европска интеграција. Според него, во наредната фаза приоритет треба да бидат конкретните мерки, инвестициите и регионалната соработка, особено во областите каде што предизвиците ги надминуваат националните граници.

– Зелената агенда треба сè повеќе да стане платформа за регионална имплементација, а не само за регионален дијалог. Загадувањето не застанува на границите, а климатските ризици се заеднички – истакна Хоџа.

Тој посочи дека за справување со овие предизвици се потребни заеднички решенија, размена на знаење и податоци, усогласување на стандардите, како и развој на регионална инфраструктура таму каде што тоа е оправдано.

– Успехот нема да се мери според бројот на усвоени документи. Ќе се мери според конкретните промени кои носат привилегија за граѓаните од целиот регион – порача министерот.

Хоџа ги претстави и приоритетите на Македонија во наредниот период. Меѓу нив се забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, зајакнување на климатското управување и подготовка за европската климатска рамка. На агендата се и праведната транзиција за регионите зависни од јаглен, реформите во управувањето со отпадот и развојот на циркуларната економија, како и мерките за климатска адаптација, заштита на природата и зачувување на биолошката разновидност.

ИЗДВОЕНИ