Русија и се закани на Украина со „вечна војна“ за време на вчерашните директни мировни преговори во Истанбул, изјави извор од делегацијата од Киев. Изворот рече дека Русите не се подготвени да разговараат за техничките детали за прекинот на огнот и чекаат нивните претпоставени да ги одобрат.
На разговорите претходно во петокот, дописникот на Економист за Русија, Украина и Белорусија, Оливер Керол, цитираше „добро информиран извор“ кој рече дека главниот руски преговарач, Владимир Медински, рекол во преговарачката соба: „Ние не сакаме војна, но подготвени сме да се бориме една година, две, три – колку и да треба. Се боревме против Шведска 21 година. Вие колку долго сте подготвени да се борите?
„Можеби некои од оние што седат овде на оваа маса ќе изгубат повеќе од своите сакани. Русија е подготвена да се бори засекогаш“, наводно рекол Медински, а пренесе „Москва тајмс“.
Главниот преговарач на Кремљ во разговорите со Украина ја споменал Северната војна, 21-годишната војна на Петар Велики против Шведска во 18 век, како доказ дека Русија е подготвена да продолжи со инвазијата на Украина онолку долго колку што е потребно.
Тој го повторил ова во интервју со про-Кремљ телевизискиот водител Евгениј Попов.
„Големата северна војна со Шведска траеше 21 година. Но, само неколку години откако започна, Петар Велики им понуди мир на Швеѓаните… Што рекоа Швеѓаните? „Не, ќе се бориме до последниот Швеѓанец“, рекол тој.
Попов, исто така, ги потврди информациите дека руските преговарачи се заканиле дека ќе ги анектираат украинските региони Харков и Суми, доколку не се исполнат барањата на Москва.
„Во врска со изјавата дадена од руската страна за време на преговорите, еден од нашите извори потврди дека член на руската делегација навистина рекол: „ако четири нови руски региони не се признаат сега, во блиска иднина, тогаш следниот пат ќе бидат веќе шест“, рекол Попов во етерот.
Инаку, за време на разговорите во Истанбул, руските преговарачи побараа од Украина да отстапи делови од нејзината територија од четирите источни региони кои беа главно окупирани од Русија и се уште се под контрола на украинската армија. Тоа се регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.