среда, јули 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Просечната плата порасна на 49.544 денари, но регионот сè уште ни бега

Просечната плата порасна на 49.544 денари, но регионот сè уште ни бега

304

И покрај годишниот раст од 8,2 отсто, македонските работници и натаму имаат пониски просечни примања во земјите од регионот. Највисоки плати има во Словенија и во Хрватска, додека Македонија е поблиску до дното на регионалната листа. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2026 година изнесува 49.544 денари, односно околу 800 евра, што претставува раст од 8,2 отсто во однос на тој месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Сепак, споредбата со земјите од регионот покажува дека Македонија и натаму заостанува според висината на просечните примања. На врвот во регионот се Словенија и Хрватска, каде што просечните нето-плати се над 1.000 евра, додека во Србија просечната нето-плата е околу 1.000 евра. Во Црна Гора, просечните примања се движат околу 900 евра, а во Босна и Херцеговина и Албанија се нешто пониски. Србија, според официјалните статистички податоци, за април 2026 година пријавила просечна нето-плата од 121.805 динари.

Во споредба со дел од соседните економии, македонската просечна плата останува пониска, иако во последниот период бележи стабилен раст. Економистите посочуваат дека освен номиналниот износ на платите, важни се и продуктивноста, трошоците за живот и куповната моќ на граѓаните.

Зголемувањето на просечната плата во Македонија, според статистичките податоци, најмногу се должи на растот на примањата во секторите снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината со 11,9 отсто; уметност, забава и рекреација со 11,3 отсто и транспорт и складирање со 10,9 отсто.

Најголеми примања и натаму имаат вработените во информатичкиот сектор, додека најниски просечни плати се исплаќаат во хотелиерството и угостителството.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во мај 2026 година изнесувала 74.482 денари, што е зголемување од 8,2 отсто во однос на тој месец лани.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ