Јунскиот топлотен бран во Европа предизвика сериозни штети врз житните култури, а вредноста на изгубеното производство се проценува на околу две милијарди евра, покажува анализата на Европскиот конзорциум на иновативни универзитети (ECIU), објавена од „Фајненшл тајмс“.
Најпогодени се Франција и Унгарија, каде што екстремните температури ги намалија приносите на пченицата, јачменот и на пченката. Според европската асоцијација COCERAL, прогнозата за вкупното производство на жито во Европската Унија и во Велика Британија е намалена за речиси девет милиони тони.
Најголем пад е забележан кај пченката, чие производство е намалено од 57,2 на 52,7 милиони тони, што може да ја зголеми потребата од увоз, особено од Украина и од Бразил.
Франција е најтешко погодена со загуба од околу 891 милион евра, додека Унгарија бележи намалување на производството вредно околу 444 милиони евра. Значителни загуби имаат и Шпанија и Германија.
Експертите предупредуваат дека намалените приноси ќе влијаат врз приходите на земјоделците и ќе ја зголемат загриженоста за стабилноста на снабдувањето со храна во Европа. Сепак, анализата посочува дека станува збор за процена на вредноста на изгубеното производство, а не директна финансиска загуба за сите земјоделци.
Подобрените прогнози за жетвата во неколку европски земји делумно ги ублажија последиците, па вкупната проценета загуба на европското производство сега изнесува околу 1,79 милијарди евра.












