среда, јули 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Инспекторите ќе можат веднаш да стават клуч на врата на фирми што...

Инспекторите ќе можат веднаш да стават клуч на врата на фирми што работат на црно

Новите правила им даваат поголеми овластувања на инспекторите, а бизнисот очекува поправедни услови за работа и намалување на нелојалната конкуренција. Со измените на Законот за нерегистрирана дејност се овозможува побрзо постапување, вклучително и запечатување на деловни простории кај оние што работат спротивно на законот

37

Измените на Законот за нерегистрирана дејност носат построги мерки во борбата против сивата економија и работењето без регистрација. Со новите законски решенија, инспекторите добиваат пошироки овластувања за побрзо постапување, вклучително и можност за запечатување деловни простории, опрема и инсталации, како и за изрекување дополнителни санкции за повторните прекршители. Целта на измените е да се зајакне инспекцискиот надзор, да се подобри координацијата меѓу надлежните институции и да се обезбедат еднакви услови за сите што работат согласно со закон. Според новите правила, инспекциските постапки ќе бидат поефикасни, а акцентот е ставен на навременото откривање и спречување на нерегистрираната дејност.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека државата почнала бескомпромисна борба против нерегистрираната дејност и работењето на црно, со значително засилени инспекциски контроли и поголемо присуство на терен.

– Инспекторите секојдневно се соочуваат со бројни недоследности при контролите. Сè уште има региони во државата каде што е присутно работење без регистрација, како и ангажирање работници без соодветно пријавување. Во моментов, 24 заеднички инспекциски тима на Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд се на терен и спроведуваат координирани контроли насочени кон откривање нерегистрирана дејност и непријавени работници – изјави Стојкоски.

Тој посочи дека резултатите од засилените контроли веќе се видливи и дека Државниот пазарен инспекторат ги надминал целите предвидени со европската реформска агенда.

– Според обврските од реформската агенда, требаше на годишно ниво да го зголемуваме бројот на инспекциски надзори за 15 до 20 проценти. Меѓутоа, ние веќе ја исполнивме целата предвидена до 2027 година. Само во текот на 2025 година, реализиравме повеќе од 800 инспекциски контроли. За споредба, во 2022, 2023 и 2024 година биле спроведувани меѓу 200 и 220 контроли годишно – нагласи Стојкоски.

Според него, засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на сивата економија, обезбедување еднакви услови за работа на регистрираните компании и заштита на работничките права.

– Целта од 800 инспекциски контроли ја остваривме уште во 2025 година. Очекувам и во текот на 2026 година да реализираме најмалку исто толку контроли, а мојата цел е да достигнеме околу 1.000 инспекциски контроли на годишно ниво. Верувам дека со засилените контроли ќе ги мотивираме оние што работат на црно да ја регистрираат својата дејност. Ако успееме барем половина од нив да се регистрираат, тоа би значело околу 500 нови компании, 500 нови формални работни места и приближно 500 лица помалку што зависат од социјална помош – додава директорот на Пазарниот инспекторат.

Според сегашниот закон, компанијата има рок од 30 дена да се регистрира, во спротивно ѝ се изрекува казнена мерка во зависност од тоа за која дејност се работи. Казните се движат од 150 до 300 евра.

И бизнис-заедницата ги поздравува измените на Законот за нерегистрирана дејност, оценувајќи дека тие ќе придонесат за намалување на сивата економија и ќе обезбедат еднакви услови за работа на сите компании.

– Ова е чекор напред во борбата против сивата економија. Како бизнис-заедница, со години се залагаме за построги санкции против оние што работат надвор од законските рамки. Сметаме дека е потребно да се направат и измени на Кривичниот законик, со кои најтешките случаи на нерегистрирана дејност и работа на црно ќе бидат санкционирани и со кривична одговорност. И овие законски измени претставуваат значителен исчекор во спречувањето на нерегистрираната дејност и на нелојалната конкуренција. Секое работење спротивно на законот го сметаме за измама, поради што сметаме дека компаниите и лицата што работат на црно треба да сносат и кривична одговорност – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Според Бошков, институциите треба да постапуваат побрзо и поефикасно кога ќе се утврди дека некој врши нерегистрирана дејност.

– Доколку работи некој нерегуларно, нема потреба да се чека толку долго за затворање на фирмата. Потребно е да се скратат процедурите и институциите да реагираат навремено, бидејќи, во спротивно, штетата не ја трпат само легалните компании туку и целата економија – истакна Бошков.

Со новите законски измени, државата испраќа јасна порака дека нерегистрираната дејност и работењето на црно повеќе нема лесно да остануваат неказнети. Инспекциските служби добиваат побрзи и поефикасни механизми за постапување, додека регистрираните компании треба да добијат поправедни услови за работа и поголема заштита од нелојалната конкуренција. Очекувањата се дека построгите контроли, пократките постапки и подобрата координација меѓу институциите ќе придонесат за намалување на сивата економија, зголемување на бројот на регистрирани компании и за поголема даночна дисциплина.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ